Во „Салон Империјал 2“ при Културно-информативниот центар во Скопје, на 7 октомври, во 19:00 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Даночен број на страста“ од Лорета Георгиевска-Јаковлева. Промотор на книгата ќе биде Ана Мартиноска, а интерпретацијата на Ирена Ристиќ.

Стихозбирката „Даночен број на страста“ на Георгиевска-Јаковлева претставува комплексен и многослоен проект на современата поетска мисла, каде што се разгледуваат индивидуалната интимност, љубовта, моралот и интелектуалната слобода преку различни филозофски, историски и уметнички референции. Збирката не е само зборовен експеримент туку таа функционира и како систем на огледала, каде што секоја песна ги рефлектира и преиспитува вистината, етиката, страста и познанието.

Проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева е истакната книжевна теоретичарка, критичарка со широк научноистражувачки интерес: компаративна литература, македонска литература, теорија на литературата, културолошки студии, родови студии. Учесник и раководител е на многу научноистражувачки проекти во земјава и во странство. Таа е автор на десетина книги и на голем број монографии, учебници, книжевни студии, реферати, статии. Работи како редовен професор/научен советник во Институтот за македонска литература, УКИМ. Носителка е на признанијата: плакета на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, плакета на Универзитетот во Риека и плакета на Институтот за македонска литература – Скопје.

 

ИЗДВОЕНИ