Носењето на Изборниот законик е заглавено во место и оттаму тешко дека ќе тргне, и покрај критиките кои дојдоа преку завчерашниот Извештај за напредокот на Македонија во евроинтеграциите. Закочената работа на меѓупартиската работна група, блокираните измени во македонскиот парламент, извесно, и натаму ќе останат во сила бидејќи нема навестувања за евентуален компромис. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, опозициска партија што ја бојкотира работата на работната група и со десет илјади амандмани го блокира носењето на промените, деновиве и официјално ја одбил понудата за средба од страна на министерот за правда, Јетон Шасивари. Понудата за средба беше со цел да се најде начин да се дојде до консензус.
– Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја одби поканата за консултативна средба во врска со измените на Изборниот законик. Министерството за правда ја прима на знаење оваа одлука и ја почитува како политичка позиција на партијата. Сепак, сметаме дека политичкиот дијалог е неопходен за постигнување консензус околу изборните правила. Не може да се очекува консензус доколку однапред се одбива можноста за разговор и усогласување на ставовите – се наведува во изјавата од Правда за весникот ВЕЧЕР.
Познато е, СДСМ е против предложените промени во Изборниот законик најмногу поради предвиденото електронско гласање на нашите сонародници во странство. Филипче постојано тврди дека тоа отвора можност за најразлични злоупотреби бидејќи нема доволни механизми за проверка на идентитетот на гласачите и се отвора ризик од неконтролирано гласање и можни изборни манипулации. Но, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, која стои зад овој предлог содржан во сите предложени измени, инсистира на неговото останување во законското решение кое треба да биде предмет на гласање.
Во Извештајот на ЕК се наведува дека се уште важечкиот Изборен законик содржи бројни празнини и двосмислености, дека не е постигнат напредок во решавањето на клучните преостанати препораки од ОДИХР и Венецијанската комисија. Барањето е да се обезбедат фер и транспарентни услови за кампања со еднаков пристап до медиумите, надзор на онлајн кампања кој сега отсуствува, ревидирање на правилата за платено политичко рекламирање, зајакнато санкционирање на изборни прекршоци…
Од СДСМ, за весникот ВЕЧЕР изјавија дека немаат проблем да гласаат за вградување на вакви препораки на ОБСЕ/ОДИХР.
– Сè што е препорака на ОБСЕ/ОДИХР, ние уште утре ќе го поддржиме во парламентот. Но, за сè друго што е надвор од тоа, а што е содржано во предложените промени, ние нема да гласаме – изјави Оливер Спасовски, координатор на партиската пратеничка група.
Од Министерството за правда, за весникот ВЕЧЕР соопштија дека остануваат посветени на отворен, транспарентен и инклузивен процес.
– Во него, сите политички субјекти ќе имаат можност да ги изнесат своите аргументи и предлози. За сите спорни прашања треба да се разговара врз основа на аргументи, европските стандарди и препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Нашата цел не е да се удоволи на која било политичка партија, туку да се изгради Изборен законик што ќе гарантира фер, демократски и транспарентни избори, како и еднаква заштита на гласот на секој граѓанин. Вратата за разговори останува отворена. Министерството за правда ќе продолжи со консултациите, а одговорноста за учество во процесот останува на секој политички субјект поединечно – се наведува во нивната изјава.
Но, според неофицијалните сознанија, мали се шансите во блиска иднина да се закаже нова средба на работната група за да се види што да се прави во ситуација која опозициските социјалдемократи и владејачката партија не сакаат да си ги променат ставовите. Во јули, годинава, Македонија загуби 4,2 милиони евра, пари од Европската Унија, поради недонесувањето на измените во Изборниот законик, а што е предвидено со Реформската агенда. (Б. Ѓ.)












