– Веќе следната недела ќе започне акцијата за кастрење на пораснатата вегетација, како и уредувањето на велосипедските патеки, со ширина од 2,5 до 3 метри, со што значително ќе се подобрат безбедноста и удобноста за сите посетители. Дополнително, издаден му е налог на ЈП „Паркови и зеленило“ за целосна реконструкција на урбаната опрема, што подразбира обновување на клупите, кантите, мовчињата, патеките и другите елементи, со цел Водно да добие уреден, безбеден и современ изглед, достоен за сите посетители – нагласија од Град Скопје.
Во насока на зголемена безбедност, во соработка со Црвениот крст, во текот на летниот период ќе има континуирано присуство на спасувачи волонтери, кои ќе бидат подготвени да интервенираат во евентуални непредвидени ситуации
Со доаѓањето на пролетта и со затоплувањето на времето, посетеноста на парк-шумата Водно се зголемува, а со тоа се наметнува потребата да им се направи попријатен престојот на граѓаните во парк-шумата.
Водно е омилено место на скопјани, каде што наоѓаат спокој, мир од градската врева и бучава, се релаксираат пешачејќи, уживајќи во природата и користејќи ја можноста за планински велосипедизам, додека во текот на летото таму бараат спас од жештината.
Од Град Скопје велат дека во пресрет на периодот кога значително се зголемува посетеноста на Водно, преземаат конкретни и засилени активности со цел да се подобри квалитетот на престојот и да се унапредат изгледот и функционалноста на оваа парк-шума.
– Веќе следната недела ќе започне акцијата за кастрење на пораснатата вегетација, како и уредувањето на велосипедските патеки, со ширина од 2,5 до 3 метри, со што значително ќе се подобрат безбедноста и удобноста за сите посетители – информираат градските власти.
Притоа додаваат дека дополнително, издаден му е налог на ЈП „Паркови и зеленило“ за целосна реконструкција на урбаната опрема.
– Тоа подразбира обновување на клупите, кантите, мовчињата, патеките и на другите елементи, со цел Водно да добие уреден, безбеден и современ изглед, достоен за сите посетители – нагласија градските власти.
Исто така, тие наведуваат дека во насока на зголемена безбедност, во соработка со Црвениот крст, во текот на летниот период ќе има континуирано присуство на спасувачи волонтери, кои ќе бидат подготвени да интервенираат во евентуални непредвидени ситуации.
– Активностите на терен ги реализираат екипи на јавните претпријатија, кои се ангажирани секојдневно во одржувањето, уредувањето и заштитата на просторот, со зголемен интензитет токму во овој период – информираат од Град Скопје.
Тие потенцираат дека, според нашите согледувања, посетеноста на Водно веќе бележи пораст со подобрувањето на временските услови, што дополнително ја наметнува потребата од засилени активности и континуирана грижа.
Од Град Скопје потенцираат дека им остануваат посветени на заштитата и на унапредувањето на Водно, како едно од најзначајните природни богатства и омилено место за рекреација на граѓаните.
Парк-шумата Водно денес е една од најзначајните зелени површини во околината на Скопје, која поради својата голема површина и намена, има незаменлива заштитна, санитарно-хигиенска, еколошка и спортско-рекреативна улога. Пошумувањето на Водно е започнато веднаш по Втората светска војна, т.е. од 1946 година. Со комплексни мерки за пошумување и со заштитни мерки, голината е претворена во шума. Првичната намена била заштита на земјиштето од ерозија, на објектите и населбите во близина, но и подобрување на водниот режим на поширокиот простор. Водно е прогласено е за парк-шума во 1976 година, a под ингеренции на ЈП „Паркови и зеленило“ е од 1988 година. Највисокиот врв на Водно, Крстoвар (1.067 метри), со планинарскиот дом и со Милениумскиот крст, претставува видиковец и маркантно обележје на градот и целата Скопска Котлина.
На повисоките делови на Водно се зачувани видовите: костен, даб, јасен и габер. Во рамките на пошумените делови на Водно, особено се значајни и атрактивни честите насади на црн бор. Водно, за разлика од минатото, сега претставува целосно зашумен дел, благодарение на специфичната геолошка подлога и климата, населен со релативно богат растителен и животински свет. Од фауната на Водно, најбогата, но и најмалку проучена е фауната на безрбетниците. Од друга страна, пак, фауната е, исто така, богата со: скакулци, дневни пеперутки, тркачи, водоземци, влекачи, птици, цицачи. Додека од габите, регистрирани се 143 вида (најзастапени се макромицетите).
Водно се наоѓа во југозападниот дел на Скопската Котлина и на некој начин ја дели на северен дел со градот Скопје и на јужен дел од сливот на Маркова Река и Брезничката Висорамнина. Во правец исток-запад, Водно се протега во должина од околу 12 километри, почнувајќи од фабриката „Усје“, сè до реката Треска, односно езерото Матка. Водно се протега на површина од 4481,02 хектари. Во оваа површина спаѓаат обраснатите шуми, необраснатите површини, пасиштата и шумските патеки. Најмалата надморска височина во парк-шумата Водно изнесува 280 метри, додека најголемата – 1.066 метри.
(А. П.)












