Додека Владата најавува нова потрошувачка кошница и анализа на цените, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) предупредува дека реалните трошоци за живот и натаму остануваат високи, а граѓаните сè уште не го чувствуваат поевтинувањето на храната. Во исто време, контролите на Државниот пазарен инспекторат покажуваат дека намалените набавни цени не секогаш се прелеваат во пониски цени на рафтовите, што повторно го отвора прашањето за профитните маржи на трговците.
Според најновата пресметка на ССМ, синдикалната минимална кошница за јули 2026 година изнесува 68.498 денари, што е за 156 денари помалку во однос на јуни, кога изнесуваше 68.654 денари. Доколку во пресметката се вклучи и изнајмен стан од 60 квадратни метри, потребните месечни средства за едно четиричлено семејство достигнуваат 83.873 денари.
Најголем дел од трошоците и понатаму отпаѓаат на храната и на пијалаците – 25.012 денари, односно 36,5 проценти од вкупната кошница. Следуваат образованието со 7.192 денари, облеката и обувките со 6.511 денари, како и трошоците за домување, вода, електрична енергија и греење, кои без кирија, изнесуваат 6.379 денари, а со изнајмен стан достигнуваат 21.754 денари.
Од ССМ посочуваат дека сè уште не е претставена официјалната методологија за пресметка на владината кошница и предупредуваат дека таа не смее да создаде нереална слика за животниот стандард.
– Потрошувачката кошничка сè уште не е излезена од другата страна на масата, така што имаме само некои пресметки што немаат сума колку навистина чини животот на едно четиричлено семејно домаќинство. Владата смета дека ќе нè убеди со својата потрошувачка кошничка дека супер се живее во државата или дека нема потреба да се намалуваат цените, маржите…. – изјави Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Во меѓувреме, на средба со производителите, дистрибутерите и со трговците, Владата ќе анализира како се формирале цените, односно зошто не се проследени намалените набавни цени со поевтинување за потрошувачите.
Контролите покажале дека се зголемиле набавните цени во изминатата година за 2,66 проценти, додека малопродажните цени пораснале за 4,55 проценти. Во дел од случаите продажните цени растеле побрзо од набавните, а подоцна, кога се намалиле набавните цени, трговците не ги намалиле цените на производите.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, посочи дека се зголемуваа дел од растот на малопродажните цени на прехранбените производи и на другите производи поради бруто-профитната маржа што ја зголемиле одредени трговци оваа година, односно кога се намалиле набавните цени, тие не ги намалиле своите цени.
Од Министерството за економија и труд информираат дека ќе се анализира целиот синџир на формирање на цените – од производителите и увозниците, преку транспортот и дистрибуцијата, до трговските маржи и конечната цена што ја плаќаат граѓаните.
Целта е, како што велат оттаму да се обезбеди поголема транспарентност и да се спречат ситуации во кои продажните цени растат побрзо од набавните или остануваат непроменети и покрај намалените трошоци за набавка. Од ресорот очекуваат компаниите да покажат поголема општествена одговорност во услови на глобална економска неизвесност.
Иако официјалните показатели упатуваат на стабилизирање на цените, домашниот буџет и натаму е под силен притисок. За граѓаните останува клучното прашање дали евентуалното намалување на набавните цени, конечно, ќе се преслика и на касите во маркетите или и понатаму ќе останува во профитните маржи на трговците.
Ристески: Не смее да има воени профитери кои ќе заработуваат на грбот на граѓаните
Нема да се толерира некоректно однесување во однос на цените, доколку се утврди непазарно однесување или енормно зголемување, ќе се преземат соодветни мерки, изјави заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
– Ќе се разгледаат анализите на Државниот пазарен инспекторат за движењето на цените на основните прехранбени производи, односно на производите што се неопходни за едно просечно македонско семејство, изјави Ристески.
Во однос на прашањето дали зголемувањето на цените на горивата може да предизвика поскапување на останатите производи, заменик-министерот посочи дека Владата ја следи состојбата и е подготвена да реагира на сите предизвици.
– За жал, живееме во турбулентен период. Има војна, нема војна, ситуацијата на Блискиот Исток е непредвидлива. Владата е исправена пред сите предизвици. Досега покажавме дека сме способни да се справиме со вакви ситуации – со светски економски кризи и енергетска криза, една од најголемите во последните четири-пет децении, рече Ристески.
Ристески повтори дека нема да има толеранција за, како што рече, „воени профитери“ кои би сакале да заработуваат во услови на криза.
– Доколку има непазарно однесување, енормни зголемувања на цените и таканаречени воени профитери кои сакаат да заработуваат на грбот на граѓаните, постојат законски мерки што може да се применат. Нема да толерираме некоректно однесување, пред сè, кон граѓаните. Главен приоритет на Владата е заштитата на животниот стандард, нагласи Ристески.
(А. С.)












