Занаетчиите може да аплицираат за мерките од Оперативниот план за вработување за 2026 година. Можностите што им стојат на располагање на работодавачите и невработените лица преку двата јавни повици – „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ и „Вработување и раст на правни субјекти“ во Занаетчиската комора – Скопје беа презентирани од заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Мерката „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ е наменета за стекнување практични знаења и подобрување на вештините на невработените лица, со цел нивна полесна интеграција на пазарот на трудот. Со неа се предвидува опфат на 50 невработени лица, кои во период од три месеци ќе посетуваат обука кај конкретен работодавач.
За времетраењето на обуката, лицата ќе добиваат месечен надоместок од 12.000 денари со вклучено осигурување, додека работодавачите ќе добијат еднократна финансиска поддршка од 30.000 денари по обучено лице по завршување на обуката.
„Целта е невработените лица да стекнат нови знаења и вештини кои ќе им овозможат полесно вработување и поголема конкурентност на пазарот на труд“, истакна Ристески.
По завршувањето на обуката, работодавачите имаат обврска да вработат најмалку 50 отсто од вклучените лица, со полно работно време и за период од најмалку три месеци.
Вториот јавен повик, „Вработување и раст на правни субјекти“, обезбедува финансиска поддршка за создавање нови работни места во микро, малите и средните претпријатија, социјалните претпријатија и граѓанските организации.
Преку оваа мерка, една компанија може да аплицира за најмногу пет нови работни места, а поддршката се движи од 160.000 до 250.000 денари по ново работно место, зависно од категоријата на лицата што се вработуваат. Максималната поддршка што може да ја добие еден субјект изнесува до 1,25 милиони денари.
Јавниот повик за „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ е отворен до 30 ноември 2026 година, односно до исполнување на планираниот опфат на корисници, додека повикот за „Вработување и раст на правни субјекти“ трае до 24 јули 2026 година.
Претседателот на Занаетчиската комора – Скопје, Горан Ристов, ги повика занаетчиите да ги искористат можностите и да аплицираат за достапната поддршка.
Заинтересираните лица и работодавачи повеќе информации за условите, процедурите и потребната документација можат да добијат во работните клубови на 30 центри за вработување, преку контакт-центарот на Агенцијата за вработување и на официјалната веб-страница.












