Големиот македонски празник Илинден, кој во свеста на македонскиот народ најмногу асоцира на славното Илинденско востание, сепак, во својата основа го има свети Илија, лик од христијанската вера, кој има значајно место и во народните верувања.

Пророкот Илија живеел околу 900 години пред Исус Христос (поточно, роден е во 816 година пред новата ера) во местото Тесвит, поради што во Библијата се среќава како Тесвиќанин. Кога се родил Илија, татко му Савах видел необичен знак, околу детето имало многу Божји ангели кои го повивале со оган и му давале пламен да јаде. Ова видение таткото им го раскажал на свештениците, а еден од нив му рекол да не се плаши, зашто детето ќе биде под Божја заштита, зборот ќе му биде силен како оган, животот ќе му биде посветен на Господа и ќе суди со меч и со оган. Името Илија значи крепост Господова. Целата младост Илија ја минал во молитви, често повлекувајќи се во пустина за да може во тишина да се моли и да размислува.
Во тоа време, еврејските цареви се откажале од Божјите дарови и им се приближиле на идолските богови. Најдалеку во тоа отишол царот Ахав со неговата пакосна жена Језавела, кои на богот Вал му изградиле храм и го терале народот да му се моли, откако ги позатвориле или истепале Божјите пророци и сите оние што му биле верни на Господа. Тогај кај царот дошол Илија, кој му соопштил дека поради неговите гревови ќе страда целиот народ. „Во овие години нема да има роса, ниту дожд, освен според мојот збор“. (3 Цар, 17/1). Наместо да се покајат, Ахав и жена му сакале да го убијат Илија, но Господ го спасил и го испратил кај потокот Хорат спроти Јордан. „…од тој поток ќе пиеш, а на гавраните сум им заповедал да те хранат таму“. (3 Цар, 17/4) Така и се случило, но кога настанала голема суша поради што и потокот пресушил, Господ го пратил Илија во Сарепта Сидонска кај една жена вдовица што живеела со својот син. Таа била многу сиромашка и кога Илија пристигнал кај неа имала само „грст брашно во ношвите и малку масло во масларникот“, но со негова молитва тоа никогаш не се завршило. Кога по извесно време починал синот на вдовицата, Илија се помолил на Господа и тој воскреснал.
По Божја промисла се вратил кај царот Ахав и му предложил да ги собере сите жреци од храмот на Вал и да ги изведе на ридот да се молат за дожд. На ридот се собрал и многу народ, а Илија им рекол најпрвин да направат жртвеник и да се молат секој на својот Бог и кој ќе им даде оган да го запалат жртвеникот во него да веруваат. Жреците со часови го молеле богот Ваал, но без успех. Потоа Илија зел дванаесет камења „колку што се колената на синовите на Јакова“ и од нив направил жртвеник и убаво го потурил со вода. И уште не ја завршил молитвата кон својот Бог кога од небото паднал оган и го запалил жртвеникот. „И оган Господов падна и ја изеде сепаленицата и дрвата и камењата и земјата и ја голтна водата што беше во копот. Кога виде тоа сиот народ падна ничкум и рече: Господ е Бог, Господ е Бог“. (3 Цар. 18/38-39) Потоа биле истепани сите пророци на богот Ваал. Илија се помолил на Господа и по три години и шест месеци откако земјата испукала и многу луѓе изумреле, повторно паднал спасоносниот дожд. Но поради убиството на лажните пророци Илија пак морал да бега пред бесот на царицата Језавела и да се крие во Божјата гора Хорив. Оттаму се вратил кај царот Ахав и му прорекол лоша судбина дека кучињата ќе му ја лижат крвта и ќе ја изедат царицата. Тоа и се остварило.
Пред крајот на животот, Илија за свој наследник во пророкувањето го одредил Елисеј. Кога дошло времето за тоа, Господ испратил по Илија огнена кочија што ја влечеле пламени коњи. Илија седнал во неа и таа се подигнала кон небото, а тој му ја фрлил својата горна облека на Елисеј, пренесувајќи му ја на тој начин дарбата за пророкување. И на иконите и фреските свети Илија е претставен во кочија што неколку коњи ја влечат кон небото.
Бидејќи во народното верување свети Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици, очигледно е дека врз свети Илија се пренесени многу елементи на врховниот пагански бог на Словените, громовникот Перун. Дека богот Перун бил громовник, зборуваат сè уште живите празнувања на седумте четвртоци од Велигден до Спасовден, наречени уште и Велики четвртоци, кои се празнуваат за заштита од поројни дождови, и град, а се знае дека четвртокот бил ден на богот Перун.
Останало забележано во записите на Марко Цепенков дека „во летно време кога да биет ровја, свети Илија трчал со кочијата по облаци, за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе удрел со камчето, огон силен излегувало и кај ќе удрело ќе расипело и ќе убиело. Ламјата од страв кај ќе и се вдаит, тамо ќе се скриет, за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет“. Во цела Македонија, свети Илија се држи како празник и не се работи од страв да не бијат громови по полето, луѓето и стоката и сл.
Ефтим Спространов, меѓу другите записи на обичаи и верувања од Охрид, запишал и верување дека ако грми на Свети Илија, оревите ќе бидат шупливи. Во пролет и во лето кога има грмежи, свети Илија шета по небото со златна кола и ја бара ламјата за да ја убие. Таа оди да ги пасе житата, а тој штом ќе ја забележи, фрла по неа со огнени стрели. Е. Спространов забележал дека Свети Илија е празник на кожуварите.
А Кузман Шапкарев, пак, забележал дека на 20 јули (стар стил) на споменот на пророк Илија, покрај кожуварите, празнуваат и самарџиите и ѓерамидџиите. Притоа, кожуварскиот и самарџискиот еснаф, вели Шапкарев, за време на празникот на Св. Илија до неодамна даваа општа гозба (угостување) на своите момоци, работници во еснафот. На тој ден сите заедно, мајстори и калфи се гоштеваа на една или неколку софри на некое место за веселење, надвор од градот. Тие два еснафа принесуваа во црква восочни свеќи – ламбада и пет леба како што се принесува и на секоја служба. Последниот еснаф, т.е. ѓерамидџиите тоа не го правеле. За да го умилостиват светецот, та да не врне преку летото, за да можат ѓерамидџиите без пречки да работат, погребувале живо магаре за жртва. Но, тоа во наше време не се прави, вели Шапкарев, вистина е само дека вечерта спроти празникот прават тркала од неисушени ѓерамиди како симбол на колата врз која пророкот се возел по воздухот и од која грмело и пуштал дожд. Затоа во него веруваат како Бог Грмник.
Во Гевгелиско се сметало дека Св. Илија е сред лето. Исто така, овој ден се сметал за тежок празник и тогаш никој не работел зашто тој бил „аталија – може да те млʼсне и тресне“. Народот верувал дека св. Илија секогаш држи во раката некој буздоган и со него ја брка ламјата, а кога го фрла буздоганот, тогаш треска, удира гром. Народот верувал и тоа дека и св. Илија како и св. Андон може да лекува некои болести поради што многумина ги земале од црквата иконите на св. Илија и ги држеле кај болниот. Исто така и му ветувале нешто за болниот да оздрави. Во Дојран се одржувала црковна служба и панаѓур кои траеле два дена, а болните ноќта спиеле под иконата на св. Илија.
Не е без значење да се спомене дека и неколкуте денови пред празникот Свети Илија се наречени Горешници (од горење, горештина) или Чуруци (од чур, чад) и тогаш не се работи за заштита од пожари. И овие денови се поврзани со светители кои со името асоцираат на зборот оган или нешто што произлегува од него: св. мч-ци Кирик и Јулита, св. свешт-мч. Антиноген, св. вмч-чка Марена (Огнена Марија).
На овој празник се колеле курбани. Курбанот се колел во дворот на црквата или покрај некое свето место, рид, дрво, бележит камен итн. На пр., жителите на Велес овој обред го извршувале на ридот Свети Илија, кај едно дрво удрено од гром. Навистина, свештениците проповедале против курбанот како крвна жртва, но една случајност како болест, гром, несреќа и сл. биле доволни луѓето да му се вратат на обичајот дури и таму каде што тој бил напуштен. Така на пр., како што пишува Миленко Филиповиќ во селото Јабланица, (Дримкол) курбан колеле на Свети Илија, а кога го напуштиле, наишол пороен облак кој направил многу штета, што било причина пак да му се вратат на курбанот, кој го поместиле за првата недела по Крстовден.
Дека свети Илија бил поврзан со поројните и градоносни облаци сведочат и верувањата од Дебрца (Охридско). Имено, на празникот Проштени поклади, кога се ставала трпезата за вечера, се повикувал и светецот: „Свети Илија, рилија,/ вечерва те каниме, поели на вечера,/ а в лето да ојш, /само пред облак, / да си поелаш јудите“. Кога пак, во лето ќе се појавеле темните облаци, бајачките се обидувале да ги вратат или да ги насочат кон планините: „Свети Илија, рилија,/ поелај си војската, / однеси ја во планина“.

За некаква врска меѓу врховното словенско божество Перун и светиот пророк Илија зборува и податокот што го изнесува Ј. Х. К. Џинот дека во Велес „има рит називаем свјатиј Илија“ и таму имало извор „вода четвртка“. Останало запишано дека на ова место се колеле курбани на празникот на свети Илија. За колење курбани, исто така поврзани со овој пророк, зборува и податокот дека во селото Битуше на празникот Илинден, кој е инаку селски празник, исто така се колеле курбани, редовно 20 до 30, а некогаш дури 60 јагниња. Како што сведочи Гале Фидановски, големиот народен собир се одржувал во месноста Добје, кај црквата „Св. Илија“.
Свети Илија е присутен и во народните песни и во народните преданија. Во песната од Дебарско „Три светители и света Недала“ од зборникот на Иван Јастребов се пее за борба меѓу светителите, односно за распределбата на улогите, но и за епилогот: „Свети Петар кључи од рајови, /Светʼ Илија – сиљни секавици, /Свети Јован – кумство, побратимство, /Неделица, празник да празнуват“.
Веќе споменатите функции на свети Илија да располага со небесните височини, со облаците и дождовите се опеани и во една песна од зборникот на Миладиновци: „На Свети Илија што му паднало? /Паднало му летни грмежи, /Он да имат, он да и повељат. /Христијани страхот да му имат“. Како што се пее во оваа песна кога легенските христијани започнале да не го слават Бога, ниту другите светци од годината, кога започнале и меѓусебно да не се почитуваат, свети Илија бил тој што побарал казна за нив: „И што беше стар свети Илија, /помоли се на наш Христос, /та му даде кључеве од небеси, /си закључи мʼгли и облаци, /три години дожд не заврна, /три години сʼнце не угреа, /три години ветер не подунал, /не се роди ни вино ни жито“. Дури по три години кога сфатиле дека мораат да се покорат на Божјите закони и кога се покајале: „дури тогај дожд им заврнало, / што сејали све им се родило, /родило се и вино и жито“.
Свети Илија го среќаваме и во македонскиот прозен фолклор, пред сè, во преданијата и легендите. На едно место, тој како старец посетува еден дом и ги моли наречниците на новороденото дете да му одредат поубав живот, на друго место испратен од Бога ги казнува арамиите и го смирува царството, на трето место се заканува дека на денот кога ќе му биде името со рофја ќе го уништи веков, а сестри му Марија и Магда не му кажувале кога е тој ден, „еднуш му велеле оту уште не дошол, а друг пат оту поминал и така го дочувале светот нерасипан досега“.
Но посебно се интересни преданијата за изградбата на некои цркви што го носат името на свети Илија. Слични содржини раскажуваат преданието „Дивичин вир“ објавено во цариградскиот весник „Новини“ од 8 јуни 1894 година, а што се однесува на изградбата на црквата „Свети Илија“, Кочанско, и преданието за изградбата на црквата „Свети Илија“ на Илинска Планина, што го забележавме во Дебарца.
Во првото предание, некој овчар се обложил со другите овчари дека ќе испече овен на езерото викано Дивичин вир кај селото Зрновци, во кое, како што се верувало, живееле ѓаволите. Кога удрил еден ѓавол и му ја скршил ногата, другите ѓаволи што излегле од водата почнале да го бркаат и кога го пристигнале, тој се помолил на Господа да го спаси ветувајќи дека ќе изгради црква. Тогаш се појавил свети Илија на коњ со четири колани и ги истепал ѓаволите. Овчарот навистина изградил црква која била посетувана од селаните, но со време, таа почнала да се распаѓа „така што сега стојат само четирите ѕида и тие се скоро распаднати“.
Во преданието од Дебрца се раскажува дека некој овчар печел овен кај Белчишко блато познато како Сини Вирој и некое ѓаволче, кое исто така печело жаба, ја допирало до овенот. Овчарот, откако со овчарскиот стап му ја скршил ногата, почнал да бега кон Илинска Планина. Ѓаволите го бркале и го пристигнале над селото Велмеј во планината. Тогаш тој се помолил на свети Илија да го спаси ветувајќи дека ќе изгради црква. Тогаш се појавил свети Илија кој ги истепал ѓаволите, а овчарот навистина ја изградил црквата „Свети Илија“.
И во двете преданија се вели дека свети Илија ги истепал сите ѓаволи, останал само тој со скршената нога, но подоцна се размножил и влегол во луѓето. Затоа на луѓе што прават проблеми им се вели „Во тебе е тој со едната нога“. Или „Му влегол тој со едната нога, т.е. натемаго“.
На повеќе места во Македонија, по Илинденското востание, на празнувањето на свети Илија му се додавало и празнување на некој настан од востанието. Таму, пак, каде што за време на востанието се случиле позначајни настани, каде што загинале повеќе борци, одбележувањето на овие настани станало неодминлив дел од верскиот празник.
Така на пр., како што запишал Сократ Пановски во монографијата за селото В’мбел, во ова костурско село, празникот Свети Илија до востанието се празнувал само како верски празник, а потоа добил двојно значење. Освен религиозниот аспект, се одбележувал и споменот на 18 комити од селската чета кои, во текот на самото востание, со саможртвен чин ја пресретнале смртта. Пред востанието, целиот народ присуствувал на божествената литургија во црквата „Свети Илија“, а потоа се одело на визита кај тие што го носеле името на светецот. По востанието, (до 1949 година, до кога постоело селото), без разлика кој бил на власт и колку жестоки биле репресалиите, народот масовно одел кај месноста Камна, односно кај пештерата во која биле гробовите на хероите. Големиот селски собор започнувал со опело за загинатите, потоа се палеле свеќи на гробовите, се говореле слова и месноста Камна се претворала во големо светилиште.
Именден празнуваат: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо…
Честит празник.
За многу години.
(Авторот е универзитетски професор и проучувач на македонскиот фолклор)












