сабота, јули 11, 2026
Дома БАЛКАН Предупредување за туристите, објавена мапа: „Рибата зајак“ продолжува да се шири низ...

Предупредување за туристите, објавена мапа: „Рибата зајак“ продолжува да се шири низ грчките мориња

0

Токсичната инвазивна риба Lagocephalus sceleratus, позната како „риба зајак“, продолжува да се шири низ грчките мориња, а властите и експертите повторно предупредуваат на опасностите од нејзиното присуство.

Според грчкиот медиум Radiome, овој вид за првпат бил регистриран во грчките води во 2005 година, а денес е распространет во голем дел од грчкото крајбрежје, островите и морските подрачја, пренесуваат грчките медиуми.

За полесно информирање на граѓаните и туристите, грчката мрежа за рано предупредување за инвазивни видови ELNAIS објави интерактивна дигитална мапа преку Google My Maps. На неа се означени досега познатите локации каде што е забележана „рибата зајак“, вклучувајќи го Крит, Егејското Море и различни делови од грчкото крајбрежје.

„Рибата зајак“ е вид кој во Средоземното Море пристигнал преку Суецкиот Канал, мигрирајќи од Црвеното Море. Оттогаш нејзината бројност постојано се зголемува, а морските биолози предупредуваат дека претставува сериозна закана за природната рамнотежа.

Причината е што оваа риба се храни со домашни видови и може да влијае врз цели морски екосистеми, особено во областите каде што нема природни предатори кои би ја контролирале нејзината популација.

Поради зголемениот проблем, грчкото Министерство за рурален развој подготвува програма за финансиска поддршка на професионалните рибари кои ќе ја ловат оваа инвазивна риба, со цел да се намали нејзиното ширење.

Во меѓувреме, грчкиот Црвен крст објави препораки за граѓаните во случај на контакт со „рибата зајак“. Експертите посочуваат дека нејзиниот угриз не е отровен, но нејзините исклучително силни вилици, кои потсетуваат на клун, можат да предизвикаат сериозни повреди и обилно крвавење.

Властите апелираат до туристите и локалното население да не ја допираат доколку ја забележат во морето или на брегот, а секое нејзино појавување да го пријават кај надлежните служби.

Со оглед на тоа што Грција е една од најпосетуваните летни дестинации во регионот, предупредувањата особено се однесуваат на капачите кои треба да бидат внимателни при престојот во морето.

На линкот е мапа на места каде што ја има.

ИЗДВОЕНИ