Израелската полиција денес издаде предупредување во кое се наведува дека голем број Израелци добиле пораки од непознати броеви за кои велат дека се „наменети да создадат паника и претставуваат обид на иранските разузнавачки елементи да регрутираат израелски граѓани во Израел и во странство“.
Првата порака, како што објави „Си-ен-ен“, споделена од израелската полиција, го охрабрува примателот да соработува и да „контактира ирански амбасади во различни земји или еден од иранските сајбер оперативци онлајн“ без никакви специфични врски или информации за контакт за иранските разузнавачки служби.
Следната порака била заканувачка и, како што пренесува „Си-ен-ен“, алудираше на понатамошни потенцијални ракетни напади врз Израел.
„Ви ветивме дека наскоро ќе видите ѕвезди на ноќното небо кои не се ѕвезди. Наскоро ќе го видите сонцето на ноќното небо“, се вели во пораката.
Кибер-хакерската група „Хандала“, поврзана со Иран, соопшти дека денес испратила пораки преку „ВатсАп“ до десетици илјади Израелци предупредувајќи за понатамошни ракетни напади.
Најновиот бран пораки дојде еден ден откако „Си-ен-ен“ објави истрага за можни ирански врски со неодамнешните антиизраелски напади во Европа, во која се тврди дека оперативци кои дејствуваат во име на Иран ги користат социјалните медиуми и пораките за потенцијално регрутирање лица за надзор и насилство, додаде американската телевизиска мрежа.
Според израелските обвинувања и официјални документи, истиот метод наводно се користи за регрутирање на израелски граѓани за шпионирање на чувствителни локации и поединци, додава „Си-ен-ен“, пренесува „Танјуг“.












