недела, ноември 22, 2026
Дома МАГАЗИН Прамен коса на првиот американски претседател Џорџ Вашингтон е продаден на аукција...

Прамен коса на првиот американски претседател Џорџ Вашингтон е продаден на аукција за 4.000 долари

0
Фото:википедија

Врамен прамен коса што му припаѓал на Џорџ Вашингтон, првиот претседател на Соединетите Држави, е продаден на аукција за 4.000 долари.

Праменот некогаш бил во сопственост на Џон Гедсби, кој го угостил Вашингтон во 1799 година, непосредно пред неговата смрт.

Според аукциската куќа од Ричмонд, која ја спровела продажбата, праменот подоцна бил купен од еден од потомците на Гедсби од страна на колекционерот Џон К. Латимер, пренесува „Би-би-си“.

Името на купувачот не е откриено.

Во минатото, на аукции за косата на Вашингтон биле плаќани значително повисоки суми.

Три влакна – за кои се верува дека биле земени непосредно пред или кратко по неговата смрт – се чувале во медалјон и биле продадени во 2021 година за речиси 40.000 долари. Гедсби живеел во Александрија – тогаш мал град во Вирџинија – и го угостил Вашингтон на вечера, кратко пред смртта на претседателот во 1799 година.

За ова во 1928 година раскажала Џулија Тен Ајк Мекблер, внуката на Гедсби; нејзината изјава е објавена на веб-страницата на аукциската куќа.

Мекблер навела дека нејзиниот дедо дошол до праменот коса на Вашингтон „преку пријателството со него и времето што го поминале заедно за време на неговите последни денови“.

Тој го врамил праменот и го закачил „под портретот на генералот Вашингтон во нашиот дом во градот Вашингтон, каде што го гледав целиот свој живот“. Според аукциската куќа, Гадсби исто така организирал две прослави по повод роденденот на Вашингтон, во 1798 и 1799 година.

Вашингтон ги предводел американските сили до победа над Британците во Војната за независност и учествувал во изготвувањето на Уставот на САД.

Тој бил избран за прв претседател на земјата во 1789 година, а се повлекол од функцијата во 1797 година, по завршувањето на неговиот втор мандат.

Зачувани се неколку прамени од косата на Вашингтон.

Најмалку 50 вакви примероци се наоѓаат во колекцијата на неговиот некогашен имот, Маунт Вернон, кој денес е музеј.

„Обичајот да се чува и изложува коса од пријатели или сакани лица бил најраспространет во 19 век, но бил популарен и многу порано, меѓу имотните семејства, како што било семејството на Вашингтон“, се наведува на веб-страницата на музејот. И други предмети поврзани со Вашингтон достигнале високи цени на аукциите.

Во јули, писмо од 1776 година, потпишано од Вашингтон – во кое тој бара војници за Континенталната армија за борба против Британците – било продадено за 109.800 долари.

ИЗДВОЕНИ