четврток, ноември 26, 2026
Дома БАЛКАН Повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар: Поплави и свлечишта во...

Повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар: Поплави и свлечишта во словенечка Истра/ФОТО

1
Фото: Facebook

Обилните врнежи од дожд во четвртокот предизвикаа бројни проблеми во словенечка Истра, при што на терен беа ангажирани околу 60 пожарникари. Најголем број интервенции се забележани во општината Пиран, каде што имало поплавени станови, непроодни патишта и помали одрони на земјиштето.

Според Словенечката управа за заштита и спасување, до 9:00 часот наутро во општината Пиран биле примени 19 пријави поврзани со последиците од невремето, поради што биле ангажирани професионална противпожарна единица и две доброволни противпожарни друштва. Два инциденти биле пријавени и во соседната општина Изола, каде што интервенирале и професионални и доброволни противпожарни единици.

Јанез Полајнар, хидролог во Словенечката агенција за животна средина (АРСО), изјави дека во текот на изминатите 48 часа во регионот на словенечка Истра наврнале повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар.

„Бидејќи почвата веќе беше заситена од претходните врнежи, водата не можеше брзо да истече; дополнително, високата плима – односно излевањето на морето – придонесе за поплавување на улиците во Пиран“, изјави Полајнар, пренесува новинската агенција СТА.

Андреј Болчич, командант на Противпожарната бригада од Копер, изјави дека интервенциите започнале околу 7:00 часот наутро, главно во областа на Пиран, каде што екипите испумпувале вода од станбени згради и станови, како и расчистувале препреки на поплавените и непроодни патишта. Покрај околу 60-те пожарникари од бригадата во Копер и доброволните друштва во Пиран, состојбата на терен ја следат и десетина припадници на службите за цивилна заштита.

„Интервенираме според приоритетите. Се надеваме дека времето ќе се смири во текот на следните часови и дека водата ќе се повлече од најпогодените подрачја“, изјави Болчич.

Покрај испумпувањето на водата, пожарникарите работат и на расчистување на неколку помали одрони предизвикани од натопеното земјиште. Еден таков одрон се случил во раните утрински часови на улицата „Ољчна пот“ во Пиран, каде што земја од приватен имот се свлекла на коловозот.

ИЗДВОЕНИ