Европското јавно обвинителство (ЕППО) во Минхен спроведе претреси и апсења во рамките на операција насочена против група за организиран криминал, осомничена за перење најмалку 120 милиони евра преку измама со ДДВ и паралелен банкарски систем, соопшти EPPO во четвртокот.
Повеќе од 3.000 полициски, даночни и царински службеници спроведоа над 300 претреси и заплени во 12 земји: Белгија, Хрватска, Естонија, Франција, Германија, Италија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Холандија и Молдавија.
Запленети се документи, уреди за дигитално складирање податоци, големи суми готовина, луксузни автомобили, часовници и накит. Во Белгија, Германија и Естонија се уапсени 21 осомничен член на групата за организиран криминал.
Според истрагата, криминалната организација управувала со најмалку 22 фиктивни компании во Германија, кои издавале фактури за услуги што никогаш не биле извршени, при што за овие фиктивни трансакции неосновано бил пресметуван ДДВ.
Овие фактури им биле достапни на други компании и поединци, кои наводно ги користеле за да побараат одбиток на ДДВ на кој немале право, пренесува „Хина“.
Истовремено, фиктивните компании не ги пријавувале приходите или ДДВ-то генерирани преку овие фактури, ниту пак ги подмирувале своите даночни обврски. Се проценува дека ова резултирало со даночна загуба од најмалку 18,9 милиони евра во Германија, наведуваат од EPPO.
Средствата префрлени на сметките на фиктивните компании наводно биле подигнувани во готовина, при што дел од нив им бил враќан на компаниите и поединците што ги купиле фиктивните фактури.
Во најмалку еден случај, готовите пари потоа биле користени за исплата на работници ангажирани од даватели на услуги за физичко обезбедување, иако тие работници не биле соодветно пријавени во системот за социјално осигурување.
Од EPPO напоменуваат дека за сите осомничени во овој случај важи презумпцијата на невиност, сè додека нивната вина не биде докажана со правосилна пресуда од надлежен германски суд.












