четврток, ноември 26, 2026
Дома БАЛКАН Вучиќ тврди дека припадници на „Врачарскиот клан“ му се закануваат со смрт...

Вучиќ тврди дека припадници на „Врачарскиот клан“ му се закануваат со смрт – зошто не ги пријави, и од кога тоа нема доверба во полицијата?

1
EPA/MARKO DJOKOVIC

Адвокатот Боривоје Боровиќ и новинарот на неделникот „Радар“, Вук Цвијиќ, остро реагираа на изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на телевизијата „Пинк“ тврдеше дека „Студентската листа“ му се заканува преку припадници на „Врачарскиот клан“.

Како што пренесува весникот „Данас“, Боровиќ смета дека Вучиќ ја измислил информацијата во врска со „Врачарскиот клан“. Во однос на изјавата на Вучиќ дека одбива да ги пријави наводните смртни закани во полицијата бидејќи нема доверба во неа, Боровиќ истакна дека Вучиќ има законска обврска да пријавува кривични дела и не смее да крие информации од полицијата или од обвинителството.

Боровиќ оцени дека евентуалните закани, доколку навистина постојат, би можеле да бидат поврзани со незадоволни криминални кругови кои претходно биле блиски до власта, но сега се соочуваат со губење на приходите.

„Вучиќ ги внесе мафијашките кругови во политиката и бизнисот. Тој дури го прогласи ’Ќациленд‘ – жариште на криминални активности – за центар на демократијата и борбата за слобода на Србија. Сега, тоа му се враќа како бумеранг“, изјави Боровиќ.

Тој додаде дека ниту еден политичар не може целосно да ги контролира криминалните кругови и го обвини Вучиќ дека се води од принципот „по мене – потоп“.

Од друга страна, новинарот Вук Цвијиќ оцени дека, иако Вучиќ често изнесува неточни тврдења, поврзаноста на актуелната власт со криминалните групи е нешто за што, според него, постојат повеќе потврди.

Цвијиќ тврди дека Вучиќ и неговите соработници во минатото одржувале контакти со различни мафијашки групи, на кои, како што наведува, им овозможувале учество на јавни тендери, државни договори и заштита од кривично гонење.

Тој посочи дека соработката меѓу криминалните структури и политичката групација од која произлезе Српската напредна партија датира уште од 1990-тите години, а дополнително се зацврстила по доаѓањето на власт во 2012 година.

Цвијиќ нагласи дека не му е познато какви се актуелните односи меѓу Вучиќ и кланот „Врачар“, но изрази уверување дека власта во претходните години соработувала со различни криминални кланови.

ИЗДВОЕНИ