Телото на 20-годишен маж е пронајдено во замрзнувач оставен на улица во Утрехт, Холандија. Полицијата ги истражува околностите на неговата смрт, а градоначалничката најави и преиспитување на постапките на социјалните служби кои претходно ѝ помагале на неговото семејство, пренесува холандскиот јавен сервис НОС (NOS).
Телото го пронашол случаен минувач околу 13:20 часот на улицата Тимерстрат, во населбата Пијлсверд. Замрзнувачот се наоѓал на тротоарот пред семејната куќа и бил делумно покриен со вегетација. Жителите изјавиле за медиумите дека тој стоел таму околу две недели.
Младиот човек бил син на сириско семејство кое живее во куќата пред која тој бил пронајден. Неговиот татко изјавил за НОС дека синот пристигнал во Холандија на 15-годишна возраст, пред остатокот од семејството, и дека набрзо западнал во лошо друштво.
Според претходен извештај на регионалната телевизија РТВ Утрехт (RTV Utrecht), младиот човек имал проблеми со дрога, што предизвикувало конфликти во семејството. Кога останатите членови на семејството пристигнале во Холандија четири години подоцна, заедничкиот живот веќе не бил можен.
Таткото тврди дека локалниот тим за социјална заштита го советувал да не го пушта синот во куќата, со предупредување дека во спротивно би можеле да му ги одземат другите деца.
„Бев меѓу два огна. Ако го пуштам внатре, ќе ми ги земат децата. Но, ако го оставам надвор, тој може да прави што сака“, рекол тој.
Тој исто така изјавил дека синот последен пат тропнал на неговата врата во неделата.
„Рече: ’Тато, ладно ми е, пушти ме внатре‘. Никогаш нема да ги заборавам тие зборови“, рекол таткото.
Од тимот за социјална заштита потврдија дека му помагале на семејството, но не сакаа да одговорат на прашањето дали на таткото навистина му било советувано да не го пушта синот во куќата.
Градоначалничката на Утрехт, Шерон Дајксма, изјави дека, според првичните информации од полицијата, смртта најверојатно не е резултат на кривично дело. Од полицијата изјавија дека на телото не се пронајдени надворешни траги на насилство, но дека се потребни дополнителни анализи за да се утврди причината за смртта.












