Транспаренси Интернешнл-Македонија го објави најновиот извештај „Бистро-матно“ за март 2026 година, кој и овојпат нотира сериозни предизвици во борбата против корупцијата, но и одредени позитивни исчекори кон поголема отчетност на институциите.
Меѓу „матните“ случаи, најмногу внимание предизвика апсењето на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, кој е осомничен дека примил поткуп од 50.000 евра, како дел од вкупно побарани 100.000 евра. Според МВР, поткупот бил побаран за да се овозможи увоз на спорна стока, а парите биле пронајдени скриени под седиште во неговиот автомобил.
Сериозни слабости се нотирани и во судството. Судскиот совет констатирал сомнежи за нестручно и несовесно постапување на судии од Апелациониот суд Скопје, каде поради одложувања дел од предметите завршиле во апсолутна застареност. Во извештајот се наведува дека се прекршувале законските рокови за објавување пресуди, а судските постапки неоправдано се одолговлекувале.
Ревизорите, пак, утврдиле бројни неправилности во институциите. Во Министерството за односи меѓу заедниците недостасуваат 30 лаптопи, се исплаќале плати без евиденција за присуство на работа, а гориво се точело во возила без потврда за сопственост. Дополнително, Државниот инспекторат за градежништво останал без инспектори, додека со години функционира со вршител на должност директор.
Сериозни нерегуларности се откриени и во работата на Државната изборна комисија за изборите во 2024 година, кои ги чинеле граѓаните околу 23 милиони евра. Ревизијата укажува на незаконски распределби на средства, спорни јавни набавки и несоодветно чување доверлив материјал.
Извештајот укажува и на системски проблем со заштитата на укажувачите. Само околу 20 проценти од институциите имаат назначено лица за прием на пријави од „свиркачи“, иако тие се клучни за откривање на корупцијата.
Загрижувачка е и состојбата во здравството. Истражувањето покажува дека дел од пациентите биле сведоци на корупција, при што се барале пари или подароци за побрз пристап до услуги. Најголем дел од нив не ги пријавиле случаите поради недоверба во институциите.
Сепак, месецот донесе и неколку „бистри“ моменти. Уставниот суд најави дека од март седниците ќе се пренесуваат во живо, што се оценува како значаен чекор кон поголема транспарентност. Антикорупциската комисија, пак, покрена постапки против 234 општински советници кои не поднеле изјава за имотна состојба, што претставува законска обврска.
Во меѓувреме, Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против поранешен директор на „Комунална хигиена“ Скопје, осомничен за злоупотреби со кои се обидел да овозможи противправна корист од околу 68.500 евра. (П.А.)












