Со построги правила, засилен инспекциски и регулаторен надзор и со значително повисоки казни, државата воведува нова рамка за работењето на друштвата за финансиски лизинг. Измените на Законот за финансиски лизинг, кои веќе стапија на сила, имаат јасна цел: поголема заштита на граѓаните и на компаниите како корисници на лизинг, поголема транспарентност во работењето на лизинг-компаниите и усогласување со европските стандарди.
Министерството за финансии соопшти дека новите законски решенија се дел од реформската агенда и воведуваат построги услови за основање и управување со друштвата за финансиски лизинг, поефикасен надзор и поцврсти механизми за заштита на корисниците.
Една од најзначајните новини е што лизинг-компаниите повеќе нема да можат да го користат предметот на финансискиот лизинг како залог без претходна писмена согласност од корисникот. Дополнително, корисниците добиваат право во секое време целосно или делумно да ги отплатат своите обврски без дополнителни трошоци, со што ќе им се намалат и вкупните трошоци за преостанатиот период од договорот.
Законот предвидува и значително поголема транспарентност. Друштвата ќе бидат обврзани јавно да ги објавуваат годишните финансиски извештаи и ревизорските мислења, а договорите за финансиски лизинг ќе мора јасно да ги содржат сите трошоци и надоместоци. Предвидена е и можност договорите да се склучуваат по електронски пат.
Во исто време, законодавецот значително ги заострува санкциите за непочитување на прописите. Највисоките казни достигнуваат и до 50.000 евра, што претставува едно од најстрогите казнени решенија во оваа област. Глоба од 40.000 до 50.000 евра е предвидена за давателот на финансиски лизинг што, по одземање на дозволата за работа, нема навреме да почне ликвидација или да поднесе предлог за отворање стечајна постапка, ниту ќе го извести Министерството за финансии во законскиот рок.
Казни од 16.000 до 20.000 евра се предвидени за повеќе сериозни прекршоци, меѓу кои и доколку компанијата го стави предметот на лизинг под залог без согласност на корисникот, врши недозволени активности, не доставува финансиски извештаи или не соработува при вршењето надзор. Покрај казната за друштвото, одговорното лице ќе плати и дополнителна глоба од 2.000 евра.
Предвидени се и санкции од 8.000 до 10.000 евра доколку не се усогласени договорите со законот, ако корисниците не бидат навремено информирани за своите права и обврски или ако компанијата го попречува правото на предвремена отплата.
Со измените се зголемува и минималниот основачки капитал на друштвата за финансиски лизинг од 6 на 30 милиони денари, а се воведуваат и построги критериуми за репутација и интегритет на основачите и на членовите на управните органи, согласно со препораките на MONEYVAL и европските стандарди за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Од Министерството за финансии оценуваат дека новата законска рамка ќе придонесе за посигурен и потранспарентен пазар на финансиски лизинг, со значително повисоко ниво на заштита на корисниците и со построга одговорност за компаниите што нема да ги почитуваат законските обврски.












