Фондот за осигурување на депозити, кој располага со околу 400 милиони евра резерви за заштита на штедачите во случај на пропаѓање на банка или штедилница, најголем дел од средствата ги инвестира во државни хартии од вредност. Според финансискиот план, во 2026 година инвестиционото портфолио на Фондот се очекува да достигне 25,58 милијарди денари, што е зголемување од околу 8 проценти во однос на 2025 година. Од вложувањата во државни записи со просечна каматна стапка од 3,6 проценти, Фондот проектира приходи од камата од околу 898 милиони денари, односно приближно 14,6 милиони евра.
Средствата со кои располага Фондот, главно, потекнуваат од премиите што ги уплаќаат банките и другите финансиски институции, а потоа се инвестираат во државни записи со рок на достасување од 364 дена. Во планот се наведува дека деловната активност во 2026 година се очекува да заврши со добивка од околу 733 милиони денари, што претставува зголемување од 5,8 проценти во однос на проекцијата за 2025 година. За плати на вработените во Фондот, за следната година се предвидени 32,5 милиони денари, а планирани се и пет нови вработувања. Просечната основна нето-плата на вработените ќе изнесува околу 61 илјада денари.












