Естонскиот кошаркар Кер Криса (25), поранешен член на литванскиот гигант Жалгирис, се соочува со сериозни правни проблеми во САД, каде што е обвинет за измама поврзана со периодот кога настапувал во колеџ-кошарката. Според објавените информации, случајот го истражува ФБИ, а потенцијалните загуби на оштетените се проценуваат на меѓу 750.000 и два милиони долари.
Криса, кој настапуваше за Универзитетот Западна Вирџинија во сезоната 2023/24, се изјаснил за виновен, што може да влијае врз висината на казната. Според извештаите, тој би можел да добие до две години затвор, иако за делото за кое станува збор се предвидуваат и значително построги казни. Следното судско сослушување е закажано за 22 декември.
Естонецот ја започнал кошаркарската кариера во родниот Тарту, пред да се пресели во Германија и да потпише за Бамберг. Во 2018 година му се приклучил на Жалгирис, но не успеал да се наметне во првиот тим, па поголемиот дел од престојот во Литванија го минал како позајмен играч. Сепак, забележал и настап во Евролигата, на натпревар против АСВЕЛ.
По европската епизода, Криса се насочил кон американската колеџ-сцена, каде што настапувал за Аризона, Вирџинија, Кентаки и Западна Вирџинија. Подоцна играл и за Синсинати, обидувајќи се да ја изгради кариерата во американската кошарка.
Криса беше сметан за еден од перспективните европски таленти, а настапуваше и за сениорската репрезентација на Естонија. На Европското првенство во 2022 година одигра пет натпревари, со просек од 10,8 поени и 5,8 асистенции.
Сега, наместо кошаркарските настапи, во центарот на вниманието е судскиот процес во САД. Конечната одлука за казната ќе биде позната по продолжувањето на постапката.











