вторник, октомври 13, 2026
Дома БАЛКАН Латиноамериканските картели сè повеќе се зацврстуваат во Европа, а трагите водат и...

Латиноамериканските картели сè повеќе се зацврстуваат во Европа, а трагите водат и кон балканската рута

23

Картелите и криминалните фракции од Латинска Америка се активни во најмалку 12 европски земји, а наглиот пораст на шверцот со кокаин во Европа е директно поврзан со нивното сѐ посилно присуство на континентот, покажа четиримесечната истрага на британскиот весник „Гардијан“ (The Guardian).

Групите од Колумбија, Бразил, Еквадор, Венецуела, Мексико и Соединетите Американски Држави (САД) воспоставиле, според наодите на „Гардијан“, блиски врски со локалните мафијашки организации. Истрагата се потпирала на бази на податоци, информации од полициски и разузнавачки агенции, како и на разговори со судии, обвинители и експерти од осум земји.

Меѓу 2014 и 2024 година, количините на запленет кокаин во Европа се зголемени за 471 отсто, а откриени се и повеќе локални лаборатории за преработка на деривати на кокаин.

Вистинската слика може да биде и потешка. Бројката од 12 земји опфаќа само групи кои се официјално идентификувани преку полициски операции, меѓународни истраги и судски постапки, додека бандите кои немаат физичко присуство во Европа, но соработуваат со европските мафији, не се пресметани.

Меѓу идентификуваните групи се мексиканските картели „Синалоа“ и „Халиско Нова Генерација“ (CJNG), колумбискиот „Клан дел Голфо“ (Clan del Golfo), герилската група ЕЛН и дисидентските фракции на ФАРК, бразилските организации „Примеиро Командо да Капитал“ (PCC) и „Командо Вермељо“ (CV), венецуелската „Трен де Арагуа“ (Tren de Aragua), како и бандите „Баррио 18“ и МС-13.

Најсилно присуство имаат во Шпанија, Португалија, Холандија, Белгија и Франција, а активности се забележани и во Германија, Романија, Хрватска и Словачка. Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (GI-TOC) на списокот ја додава и Бугарија.

„Се случува нешто ново во врска со присуството на латиноамериканските групи на подрачја каде што претходно немало никаква инфраструктура. Оваа појава повеќе не е ограничена само на традиционалните влезни земји“, изјави Даниел Бромбахер, директор на опсерваторијата за Европа при GI-TOC.

Како што наведува, неодамнешните полициски акции откриле лаборатории за производство на метамфетамин со кои управувале Мексиканци, и тоа во јужна Франција, североисточна Полска и Бранденбург, јужно од Берлин.

„Латиноамериканските групи се појавуваат и во Романија и Бугарија, долж балканската рута“, предупреди Бромбахер.

Списокот би можел да биде и подолг. Според необјавениот извештај на обвинителството во Сао Паоло, во кој „Гардијан“ имал увид, PCC, моментално најголемата бразилска криминална група, дејствува во 16 европски земји, меѓу кои се Србија, Обединетото Кралство, Ирска, Исланд, Шведска, Швајцарија и Турција.

Колумбиските картели „Кали“ и „Меделин“ имаа упоришта во Шпанија, особено во Галиција, уште од осумдесеттите години, а Европол предупредуваше за нивниот подем уште во 2013 година. Сепак, она што властите го гледаат денес претставува сосема ново ниво. Во овогодинешниот извештај, Европол наведе дека најопасните латиноамерикански криминални мрежи се населиле во ЕУ, од каде што раководат со операции кои ја погодуваат самите земји членки.

Интерпол, на чие чело е бразилскиот сојузен полицаец Валдеси Уркиза, не одговори на барањето за коментар од „Гардијан“.

Производството на дрога во Латинска Америка во изминатата деценија се зголеми приближно четири пати и во 2024 година достигна рекордна бројка од околу 4.100 тони. Колумбија денес произведува повеќе кокаин отколку во времето на Пабло Ескобар.

Виктор Мануел Санчез Валдес, експерт за организиран криминал од Автономниот универзитет во Коахуила, Мексико, смета дека присуството на овие групи во Европа е многу пораширено отколку што се мисли.

„Картелот Синалоа и CJNG се присутни во повеќе од 20 европски земји. Секако, тоа не значи дека доминираат или дека имаат големи оперативни клетки. Станува збор, всушност, за деловни претставници“, рече тој.

ИЗДВОЕНИ