По трагедијата во Карпош, кога младата мајка се фрли од балкон со ќерката в раце поради семејно насилство, бројот на жртви кои се охрабруваат да пријават во полиција е голем. Полициските билтени секојдневно се полнат со случаи во кои жртвата е жена, ќерка, мајка, син…, а не е мал бројот на совесните граѓани кои сакајќи да ги пријават или да ги посочат насилниците, јавно сведочат за голготата низ која поминуваат жртвите.
Скопјанка, за весникот ВЕЧЕР, сведочи за брутално семејно насилство кое се одвивало на балкон во населбата Црниче, во саботата вечерта, околу 19 часот. Луѓето што биле затечени од непријатната сцена, оделе да пазарат во супермаркетот во близината на зградата каде што се случувал хоророт. Седумдесетгодишен татко ја тепал триесетгодишната ќерка, ја удирал со саксии по главата и со силни шлаканици по лицето. Жената што го пријавила случајот во полиција, за весникот сведочи дека девојката очајно барала помош.
„Викаше, помогнете ми, бараше некој да повика полиција, по што насилниот маж ја внесе внатре и ги затвори балконските врати“, вели нашата соговорничка која сакаше да остане анонимна.
„Сите што се најдовме пред маркетот се потресовме од непријатната сцена, мојот сопруг истрча кон балконот и му свика да престане да ја тепа жената. Најчудно од сè беше што никој од соседите во зградата не реагираше. Една жена од карши рамнодушно си влезе дома, без око да ѝ трепне на лелеците од соседниот балкон“, вели нашата соговорничка.
Сведоците на ужасното семејно насилство почнале веднаш да вртат на полицискиот број 192, но од централата за итни повици никој не се јавувал.
„Обидите беа безуспешни, четворица вртевме, се чекавме еден по еден, да не се јавуваме сите одеднаш, но никој не одговараше“, сведочи жената во разговор со нашата редакција. Потоа се обиделе на бројот за кризи – 112, таму за среќа, некој дигнал слушалка и го примил очајниот повик на сведоците.
„Нè поврзаа со полициската станица ’Пролет’, од каде што ветија дека веднаш ќе пуштат мобилна екипа. Чекавме дваесетина минути, но никој не дојде, а од станот каде што се случуваше тепањето, веќе не се слушаа гласови“, вели жената. Потоа, неколкутемина што останале да ја пречекаат полицијата повторно вртеле на 112, да проверат до каде е патролата. Ги префрлиле на полициската линија и повикот повторно бил отфрлан.
„Конечно, по половина час, полицајците од ПС ’Пролет’ пристигнаа пред маркетот во Црниче, каде што обично се стигнува пеш за пет минути. Ни зедоа изјави и влегоа во зградата да го проверат семејството по нашата пријава. Кога излегоа, доживеавме уште еден шок. На нашето прашање до двајцата полицајци дали жената е во ред тие ни одговорија ’па црвена е, но психички не е ОК’“, раскажува нашата соговорничка разочарана од полициската реакција.
Настанот со семејното насилство од саботата во скопско Црниче е евидентиран во полицискиот билтен во неделата, на Денот на жената, 8 Март.
„Полициски службеници извршија службен разговор со С. Х. Н. (70) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека на 07.03.2026, околу 18:00 часот, во семејниот дом на подрачјето на Кисела Вода физички ја нападнал 30-годишната ќерка“, стои во кусата информација за настанот.
По трагичниот чин во Карпош, полицијата и Министерството за труд и социјала формираа работни групи кои треба да иницираат измени на неколку закони кои ќе придонесат до брза и ефикасна заштита на жената од насилство. Адвокатите со кои разговараше весникот ВЕЧЕР велеа дека има закон за заштита од семејно насилство, но никој од надлежните не го применува.
Полицијата последно реагирала во вторникот, кога 68-годишниот Љ. Б бил уапсен и оддалечен од домот во кој со остар предмет го нападнал 35-годишниот син.
– Од страна на Судот, изготвено е решение со кое на Љ. Б. како сторител на семејно насилство му се изрекува итна мерка за заштита од семејно насилство – отстранување од домот во времетраење од 30 дена, стои во информацијата на МВР. (П. А.)












