Полска му дозволи на Фицо прелет кон Москва

110

Полското Министерство за надворешни работи денес објави дека Варшава му дозволила на авионот во кој се наоѓал словачкиот премиер Роберт Фицо да лета над нејзината територија на рутата кон Русија, каде што треба да присуствува на прославите на Денот на победата.

„Бидејќи немаше формални меѓународни правни пречки, полската страна издаде дозвола за лет низ воздушниот простор на Република Полска“, се вели во соопштението на министерството.

Сепак, полското министерство изрази критички став кон учеството на словачкиот премиер на прославата на крајот на Втората светска војна, организирана од Москва, јавува словачката агенција TASR.

„Тешко ни е да разбереме дека лидерите на земјите кои се декларираат како поддржувачи на мирот и противници на продолжувањето на воените операции би одлучиле да ја прифатат поканата на Владимир Путин, кој издаде наредба за напад врз соседна земја, започна неиспровоцирани воени дејствија и со тоа предизвика масовно раселување на населението, страдање и смрт на илјадници луѓе, цивили и војници, како и уништување и киднапирање на цивили – вклучително и деца“, соопшти министерството.

Пред Варшава да го одобри прелетот, министерот за надворешни работи Радослав Сикорски рече дека не размислувал за прашањето за дозвола за прелет бидејќи, како што рече, држел среќа за закрепнувањето на Фицо, додавајќи дека сè уште верува дека поддршката на наративот на Путин во Москва не е добра идеја.

ИЗДВОЕНИ