Полските власти вршат детална проверка на објави на социјалните мрежи и на „даркнетот“, по крвавиот напад во центарот на градот. Досега се приведени шест лица по масовното пукање на Главниот плоштад во Краков. Меѓу нив има пет полски државјани и еден државјанин на Украина, соопшти полското Министерство за внатрешни работи.
Според портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Каролина Галецка, апсењата следеа откако беше откриена содржина на интернет која би можела да укажува на закана за други лица.
Полицијата истражува можни „имитатори“ на напаѓачот кој усмрти шест лица.
По нападот што се случи во саботата во центарот на Краков, органите на редот спроведуваат операции низ целата земја.
Централното биро за борба против сајбер-криминалот приведе шест лица на возраст меѓу 15 и 36 години.
„По нападот во Краков, Централното биро за борба против сајбер-криминалот и полицијата остануваат крајно внимателни во однос на можни имитатори“, нагласи Галецка.
Портпаролката појасни дека полициските службеници, меѓу другото, ги анализирале објавите во кои се велича злосторството извршено во Краков од страна на Михал Оксињски.
Полицијата не само што ја следи јавно достапната содржина на социјалните мрежи, туку и истражува информации што се појавуваат на „даркнетот“ – дел од интернетот достапен само преку специјализиран софтвер. Според Централното биро за борба против сајбер-криминалот, приведените признале дека објавувале лажни информации.
Некои од нив своите постапки ги оправдале тврдејќи дека „само се шегувале“, додека властите допрва треба да утврдат дали приведените планирале нов напад, пренесува „Њузмекс Полска“.
По нападот во Краков, интернетот беше преплавен со лажни вести; полицијата предупреди дека некои поединци, кои стојат зад ваквите објави, се обиделе да ги искористат драматичните настани за да стекнат популарност на социјалните мрежи.












