Царинската управа на граничниот премин Табановце спречила обид за нелегален пренос на половина милион евра кеш, скриени во специјално изработен бункер во минибус со албански регистарски таблички. Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, информираше дека станува збор за најголема заплена на девизи во историјата на македонската Царина.
Минибусот, сопственост на туристичка агенција од Албанија, бил запрен при влез во државата на граничниот премин Табановце. Во возилото се превезувале седум патници, а со него управувал албански државјанин со иницијали Џ. Г.
Царинарниците при контролата забележале сомнителни преправки на возилото, по што во акцијата било вклучено и царинско куче, кое реагирало токму на делот каде подоцна бил откриен тајниот простор. Сомнежите дополнително биле потврдени со скенирање на минибусот од Службата за мобилни скенери. По демонтирање на внатрешен профил во возилото, инспекторите пронашле 14 проѕирни ќеси со вкупно 500.000 евра во кеш.
„Ова е најголема заплена досега во историјата на Царинската управа. Девизите и возилото се трајно одземени, а сторителот е соодветно гонет, за што веќе има и судска пресуда од Основниот суд во Куманово“, изјави Николовски.
Според него, парите веднаш биле предадени на Агенцијата за управување со одземен имот, а потоа депонирани во Народната банка. За потеклото и сопственоста на запленетите евра дополнително ќе постапуваат надлежните институции.
Николовски најави дека цариниците кои учествувале во акцијата ќе бидат наградени со по 10.000 денари за професионално спроведената контрола.












