понеделник, јуни 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Покрај финансиска, и стручна поддршка за општините

Покрај финансиска, и стручна поддршка за општините

13

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари работна посета на Општина Петровец, каде што одржа средба со градоначалникот Борче Митевски, членовите на Советот и со општинската администрација.

На средбата се разговарало за актуелните потреби и предизвици со кои се соочува Општината, како и за можностите што ги нуди Ресурсниот центар за поддршка на општините во насока на јакнење на административните капацитети и подобрување на квалитетот на локалните услуги.

Било отворено и прашањето за ажурирањето на базите на даночни обврзници, како еден од клучните процеси за зголемување на сопствените приходи на општините и за обезбедување поодржливо локално финансирање.

Од Министерството за локална самоуправа соопштија дека акцентот бил ставен на алатките и на механизмите што им стојат на располагање на општините за поефикасно планирање, управување и реализација на локалните политики и развојни проекти.

– Директната комуникација со општините е најдобриот начин да ги препознаеме реалните потреби и предизвици со кои се соочуваат. Ние направивме и системска процена на потребите на општините, но и покрај тоа, постојано сме вклучени преку директни средби. Редовно сме на терен и работиме заедно со локалните власти на изнаоѓање конкретни решенија. Ресурсниот центар е воспоставен да биде практична поддршка за општините и да им помогне поуспешно да ги извршуваат своите надлежности и да испорачуваат поквалитетни услуги за граѓаните – изјави Перински.

Во рамките на средбата било разговарано и за тековните и планираните инвестиции во Општината. Преку двата јавни повици за финансирање на инфраструктурни проекти, за Општина Петровец се одобрени вкупно седум проекти во вредност од 100.727.775 денари.

Градоначалникот Борче Митевски ја поздрави континуираната поддршка од Министерството за локална самоуправа и ја истакна важноста на постојаната комуникација меѓу централната и локалната власт.

– За општините е од особено значење да имаат институционален партнер што ги разбира нивните потреби и нуди конкретна поддршка. Проектите што ги реализираме со поддршка на Владата и на Министерството придонесуваат за подобрување на инфраструктурата и на условите за живот на граѓаните, а Ресурсниот центар отвора дополнителни можности за унапредување на општинските капацитети – рече Митевски.

Од Министерството за локална самоуправа потенцираат дека продолжуваат со теренските посети на општините, со цел непосредно согледување на локалните потреби и обезбедување навремена поддршка за нивниот развој.

 

ИЗДВОЕНИ