Прсврт на судењето за сериските убиства од Старо Нагоричане, во моментот кога присутните во судницата очекуваа дека обвинетиот Трајко Бојковски ќе признае вина за убиството на 4 жени и обидот за уште 2, тој го смени исказот даден во истрагата и негира вина. По ова, неговиот адвокат Драган Трајковиќ се откажа да го брани, а судијата Мирсад Сурои од Основниот суд во Куманово го одложи судењето за крајот на август.
Драматичен старт на судењето за осомничениот сериски убиец Трајко Бојковски од Драгоманце. На пладне кога во ценатрот на Куманово има врвулица од луѓе, со полициско комбе од затворот во судот беше донесен 25 годишниот млад човек на кој му се суди за убиство на четири жени и обид за уште кај две. Жителите немо го гледаа спроводот на Бојковски кој изгледаше неуредно и отсутно.
Во судницата пак, наместо одговор на прашањата на судијата-тишина и нејасни звуци што ги испушташе осомничениот.
Судијата Мирсад Сурои не успеа веднаш да ги добие ниту основните податоци од обвинетиот. Бојковски не одговори како се вика, не воспостави контакт со судскиот совет, а со фиксиран поглед кон таванот почна да се смее.
„ Се преправа“, довикнуваа присутните од семејствата на жртвите. Претходно тој го помина психијатрсикото вештачење, а според Обвинителството се утврдило дека тој е пресметлив.
Во судницата присутни беа најблиските на оштетените, на Јанка Антевска, Мира Станковска, Марија Мариновска и на Росанка Трајковска, сите се приклучија кон кривичниот прогон заради загубата.
Судот даде десетминутна пауза за да се процени дали расправата може да продолжи, односно дали обвинетиот ќе почне да зборува. По паузата, обвинетиот сепак се реши на кооперативност со сдуот, го потврди својот идентитет. Неговиот адвокат објасни дека реакцијата била последица на страв од присуството на камерите и големиот број луѓе во судницата. Но, кога дојде моментот за изјаснување за вината, Бојковски ја промени изјавата дадена во истрага. Иако неговиот адвокат претходно најави дека ќе ја признае вината за делата, обвинетиот пред судот кажа дека не се чувствува виновен. Токму ова беше причината неговиот бранител Драган Трајковиќ да побара да се повлече од случајот.
„Со оглед дека обвинетиот не го прифати мојот совет, како бранител го откажувам моето полномошно согласно член 76 став 7 од Законот за кривична постапка и согласно истиот член став 5 предлагам на судот да му биде определен бранител по службена должност со цел заштита на неговите права и иинтереси – рече Трајковиќ.
Претходно , Обвинителството, пак, во воведниот збор најави дека ќе се обиде да докаже дека Бојковски е сторител на четири убиства и два обида за убиство.
Јавниот обвинител Љубомир Лапе рече дека доказите ќе покажат дека обвинетиот со умисла ги нападнал жените, кои според обвинението биле избирани затоа што биле сами, стари и немоќни.
„Ќе бидат изведени докази од кои ќе се утврдат сите битни факти и елементи на кривичните дела“, рече Лапе, најавувајќи дека ќе бидат презентирани записници од увиди, ексхумации, обдукциски наоди и ДНК анализи.
Најтешкиот дел од обвинението се однесува на тврдењето дека мотивот за делата биле ниски побуди, а обвинителството како доминантен мотив ја наведува некрофилијата.
„Ќе бидат испитани и преживеаните жртви од кривичните дела убиство во обид, ќе се утврди дека обвинетиот со намера да ги задоволи своите страсти спрема мртви тела искористувајќи ги околностите кои од претходно биле познати дека жртвите биле сами, немоќни, стари и заспани влегувал во куќите физички ги напаѓал, ги удирал, ги давел, и откако ќе ги усмртил со својот полов орган извршувал пенетрацијата на покојните жртви “, наведе тој.
Според обвинението, делата се случувале во период од јануари 2025 до февруари 2026 година. Првата жртва била убиена во селото Клечовце во јануари 2025 година. Следното убиство се случило во Драгоманце во јуни истата година. Во обвинението се опфатени и два обида за убиство во Челопек, како и убиствата на Марија Маринковска и Мира Станковска.
По истрагата, обвинителството и полицијата извршија ексхумации и дополнителни вештачења. Психијатриското вештачење, според досега објавените информации, покажало дека обвинетиот е пресметлив и свесен за своите постапки.
Судот ќе му определи на Бојковски адвокат по службена должност, а судењето продолжува на 31 август. (П.А.)











