четврток, јули 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА  Има ли придвижување или останува статус кво на патот кон ЕУ ?

 Има ли придвижување или останува статус кво на патот кон ЕУ ?

156
Аналитичарите, за весникот ВЕЧЕР, ги коментираат пораките од средбата на еврокомесарката Кос со премиерот Мицкоски

Посетата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на Скопје повторно ја отвори дебатата за европската перспектива на Македонија. По средбата и заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, се отвори дилемата дали има простор за придвижување на евроинтегративниот процес или позициите на Скопје и на Брисел остануваат непроменети. За Кос, усвојувањето на договорените уставни измени останува следниот неопходен чекор за формално почнување на пристапниот процес, а притоа додава дека е потребен и заеднички меѓупартиски консензус за Изборниот законик, со цел државата целосно да го искористи моментумот во евроинтеграциите.

– Реформската агенда и она што го правите во Планот за раст и, од друга страна, пристапниот процес, во одреден дел ќе се спојат – рече Кос, додавајќи дека нашата земја тогаш „може многу побрзо да се приклучи кон оние напредни земји“. Посочи дека граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат придобивките од Унијата, наведувајќи ги укинувањето на роамингот, програмата „Еразмус плус“, поврзувањето со иницијативите за вештачка интелигенција, здравствените програми и кибербезбедноста. Еврокомесарката оцени дека ЕУ до 2028 година би можела да добие нова членка од Западен Балкан и порача дека нашата земја треба да биде меѓу оние што ќе напредуваат најбрзо. Од своја страна, премиерот Христијан Мицкоски изрази благодарност за финансиската и за експертската поддршка, нагласувајќи дека Владата останува цврсто посветена на европскиот пат. Нагласи дека довербата во процесот е клучна и дека Македонија очекува истите правила да важат за сите. Според него, Владата ќе продолжи со реформите, јакнењето на институциите, економијата и со владеењето на правото, а секое трајно решение треба да биде засновано на заемно почитување, заштита на националното достоинство и на јасна европска перспектива.

Пораките што беа испратени и можните политички импликации од посетата, за весникот ВЕЧЕР, ги анализираат политичките аналитичари Џенур Исени, Благојче Атанасовски и Синиша Пекевски.

Исени: Довербата се гради со исполнети ветувања

– Изјавата на еврокомесарката Марта Кос дека Европската Унија не функционира врз основа на гаранции, туку на доверба, е во согласност со логиката врз која е изградена самата Унија. Но, токму тука се отвора суштинската дилема во македонскиот случај, довербата не е апстрактна категорија, туку политичка вредност што се гради преку доследност, предвидливост и добра волја. За жал, во односите меѓу Скопје и Софија, токму тие елементи сериозно недостигаа во изминатите години. Бугарија повеќепати покажа дека не ги третира билатералните прашања како затворено поглавје, туку како инструмент за создавање нови условувања, што создаде длабока криза на доверба – изјави Исени, додавајќи дека во овој случај довербата да претставува резултат на исполнети ветувања, а не предуслов за нивно исполнување.

– Не може да се бара од една држава да донесе неповратни уставни одлуки врз основа на политичките уверувања, кога претходното искуство покажува дека лесно можат да бидат заменети ветувањата со нови барања. Затоа барањето на Владата за јасен институционален механизам што ќе обезбеди правна сигурност не е израз на недоверба кон ЕУ, туку рационален одговор на недобронамерното однесување на една земја членка – вели Исени.

Додава дека, во таа смисла, најсоодветно решение останува уставните измени да бидат донесени со одложено правно дејство, односно целосно да стапат во сила на денот на ратификацијата на Договорот за пристапување на Македонија во Унијата. Смета дека таквиот модел воспоставува рамнотежа меѓу исполнувањето на европските обврски и заштитата на националниот интерес, кој не го блокира европскиот процес, туку го прави правно предвидлив и политички фер.

– Европската интеграција не смее да се претвори во процес на бескрајни билатерални условувања, бидејќи тоа ја поткопува самата нормативна моќ на Европската Унија. Ако се заменат критериумите од Копенхаген со политиката на постојано отворање нови барања, тогаш се нарушуваат принципот на правна извесност и еднаквоста на државите кандидати. Затоа не станува збор за барање гаранции како политички привилегии, туку за барање институционални механизми што ќе обезбедат предвидливост, правна сигурност и заштита од злоупотреба на билатералните спорови во процесот на пристапување – вели Исени за весникот ВЕЧЕР.

Пекевски: Посетата не донесе ништо ново

За Пекевски, пак, посетата на еврокомесарката на Македонија не е ништо повеќе од протоколарен чин.

– Посетата на еврокомесарката Кос во Македонија може да се третира како регуларна посета и дел од нејзините работни задачи. Ниту ни кажа нешто ново ниту ѝ кажавме нешто ново, сè е статус кво и регуларна посета, колку за одржување кондиција. Ставовите на ЕУ се познати и нема менување на таа ситуација, без разлика колку сме ние во право – коментира Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

 

Атанасовски: Кос настапи со „стап и морков“

Благојче Атанасовски, пак, не ја гледа оваа посета на еврокомесарката како досегашните, туку вели дека е малку поинаква.

– Овој пат еврокомесарката за проширување постапи, малку поинаку, дипломатски со „стап и морков“, односно со ветување за светла европска иднина ако ги прифатиме уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот. То ест, Кос беше дипломатична и тактична, велејќи дека Владата испорачува резултати во реформската агенда, но, сепак, на крајот на денот, мора да се направат уставните измени за да се продолжи кон следната фаза, а тоа е отворање на првите пристапни поглавја со ЕУ, по 20 години чекање од добивањето на кандидатскиот статус, во сега веќе далечната 2005 година – вели Атанасовски за ВЕЧЕР.  (Е. А.)

 

 

 „Бланко“ понуда за поддршка на Изборниот законик

Во однос на Изборниот законик, Кос порача дека очекува партиите да постигнат согласност и во овој краток период, до средината на месецов, Собранието да ги изгласа законските измени, со што Македонија би можела да добие дополнителни 4 милиони евра европски пари.

– Со оглед на тоа што исполнивте 90 проценти од реформите, ги повикувам сите страни да обезбедиме 100-процентен успех со усвојувањето на Изборниот законик – истакна еврокомесарката Кос.

Оттаму и премиерот вчера го повтори барањето до опозицијата да даде предлог со сите свои барања во кои ќе биде вклучен делот со гласањето на дијаспората, по што би добила бланко поддршка од владејачката партија. Мицкоски повтори дека владејачкото мнозинство се обидело да даде предлог, кој првично бил прифатен заедно со сите други измени што ги содржат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, оти бил потпишан законот и сè било завршено, за сега, иако од Левица првично биле согласни, да прават „театар“ за малиот број гласачи што сè уште им веруваат и оти нивните тврдења немаат никаква врска со вистината. Мицкоски кажа дека би се согласиле и за една изборна единица, дека се подготвени да се откажат од дел од парите што би им следувале за да се слеат кај помалите партии и дека ќе прифатат сè што мисли да направи опозицијата, но дека досегашните обиди биле јалови бидејќи нема повратен одговор од другата страна.

 

 

ИЗДВОЕНИ