И покрај високото ниво на дигитална подготвеност кај граѓаните, прифаќањето на електронското плаќање кај малите трговци останува ограничено и претставува еден од клучните предизвици за понатамошниот развој на платниот систем во земјава. На ова укажа вицегувернерот на Народната банка, Игор Величковски, на отворањето на работилницата „Премостување на јазот кај прифаќањето на електронските плаќања од страна на трговците: форум на засегнатите страни за заклучоците и следните чекори“, организирана во соработка со Светската банка.

Величковски посочи дека Северна Македонија располага со солидна основа за развој на дигиталното плаќање. Според податоците што ги презентираше, 84 проценти од граѓаните имаат платежна сметка, а тројца од четворица корисници на платежни сметки веќе користат дигитални канали за испраќање или за примање плаќање. Дополнително, Интернетот и мобилната покриеност на територијата на државата надминуваат 90 проценти.

Сепак, повеќе од 90 % од плаќањето за стоки и услуги кај малите трговци и натаму се реализира во готовина. Во моментов, кај околу 16.700 трговци функционираат приближно 36.000 уреди за прифаќање електронско плаќање, што, според Величковски, укажува на нерамномерна распространетост на платежната инфраструктура, особено кај малите бизниси.

– Клучното прашање денес не е дали можат граѓаните да плаќаат дигитално, туку дали можат малите трговци да го прифатат тоа плаќање – истакна Величковски, додавајќи дека значителен дел од малите претпријатија сè уште го перципираат електронското плаќање како скапо и административно сложено.

Како дел од решенијата за надминување на овој јаз, тој најави воведување инстант плаќање до крајот на годинава, преку клонот на ТИПС, развиен од Банката на Италија за земјите од Западен Балкан, согласно со одлуките на Европската централна банка.

Покрај тоа, предвидено е воведување национален интероперабилен QR-код, кој ќе овозможи негово користење од сите корисници на платежни услуги, без оглед на давателот на услугата. Во пакетот новини се и: плаќање преку едноставни идентификатори (алијаси), инстант потврди за трансакции, услугата „Барање за плаќање“, како и дополнителен развој на мобилните апликации, вклучително и од небанкарски даватели на платежни услуги.

Според Величковски, токму овие иновации директно одговараат на најголемите предизвици со кои се соочуваат малите трговци: високите трошоци за набавка и одржување на уредите за прифаќање плаќања, сложените процедури и ограничената флексибилност на постојните решенија.

– Со овие услуги, прифаќањето дигитално плаќање може да стане едноставно како примање порака на телефон – нагласи вицегувернерот.

Тој ја потенцираше и важноста на соработката со Светската банка во процесот на модернизација на платежната инфраструктура и приклучувањето на земјата кон СЕПА, оценувајќи дека овие реформи ќе придонесат за поголема финансиска инклузија и поефикасен платен систем.

– Целта е јасна: секој мал трговец во земјава да има можност да прифаќа дигитално плаќање без непотребни трошоци, административни бариери и сложени системи – порача Величковски.

 

ИЗДВОЕНИ