четврток, јули 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „Го имаме на приватно, не на рецепт“: Пациенти вратени од аптеки за...

„Го имаме на приватно, не на рецепт“: Пациенти вратени од аптеки за новите бесплатни лекови – Фондот тргна во контрола

Лекот „фостер“ достапен од 1 август без доплата, со партиципација од 280 денари

33

По реакциите на пациентите дека замената за лекот „фостер“, што треба да оди на рецепт и без доплата, „блоцета“, го нема во аптеките, како и дел од антикоагулантите кои пред некој ден се најдоа на позитивната листа, Фондот за здравство најави засилени контроли и казни доколку не се работи согласно со договорот што го имаат склучено. Директорот Сашо Клековски, кој ќе биде идниот министер за здравство, кажа дека се проверува дали новите лекови на позитивната листа во аптеките се издаваат на рецепт, зашто веќе имало неколку претставки од пациенти дека ги вратиле од пет аптеки во Битола и две во Скопје, а еден матичен лекар одбил да препише антикоагулант по специјалистичка препорака. „Не можеме да ви издадеме на рецепт, го имаме на приватно“, се пожалил пациент во Фондот за еден од новите лекови неодамна ставени на позитивната листа, а кои на приватно се многу скапи.

„Има оправдани и неоправдани причини. Оправдани се стравувањата и несигурноста за кои дијагнози се издаваат овие лекови. Кај антикоагулантите, ние не можеме да напишеме шифри на болести бидејќи списокот ќе биде многу широк, затоа ние дозволивме сите специјалисти да можат да го издаваат лекот, на пример, ортопед може по операција, гинеколог, трансфузиолог. Имавме случај во една поликлиника, жената имала непозната дијагноза ама високи димери, специјалистот одлучил да ѝ препише, одговорноста е кај нив. Друго, дел од аптеките имаат набавено лекови по стари цени, дел од нив доцнат со внесувањето на новите цени во системот, веќе контролираме во кои градови имаме проблеми. Не е едноставно, едно е да држите на лагер лек од 50 денари, друго е од 2.000, нормално е во малите да нема скапи, но мора да знаат во која аптека го имаат, изјави Клековски.

Опозицискиот СДСМ, во средата, го обвини Фондот дека замената за лекот „фостер“ ја нема во аптеките. Според ФЗО, замената е достапна за пациентите, а од  следниот месец, „фостер“ ќе се препишува на рецепт без доплата. Клековски соопшти дека Фондот се договорил со производителот на лекот за астма и ХОББ, „фостер“, и лекот од 1 август ќе го има во аптеките без доплата, со партиципација од 280 денари. Добивката од намалување на референтната цена за овој лек ќе се инвестира во ново проширување на лекови за овие болести до крајот на годината, вети идниот министер за здравство, кој во иднина најави и менување на Правилникот на позитивната листа.

„Постојат механизми преку кои може да се влијае врз намалување на цените на лековите: воведување лекови на позитивната листа и воведување конкуренција преку генерички лекови. ФЗО ги спроведе двете мерки, на пример, антикоагулантот „ривароксабан“ прв пат се воведува на позитивната листа. За лек што чинеше 2.200 денари, граѓаните досега плаќале 475 денари партиципација и доплата. Од наредната година, партиципацијата ќе изнесува само 160 денари. Цената на лекот е веќе преполовена и веќе е пониска од онаа на Косово“, изјави Клековски. (П. А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ