Жителите на Кочани денеска, со почеток во 18 часот и 5 минути, одржаа нов протестен марш под слоганот „За ангелите – не забораваме, не отстапуваме и продолжуваме“. Граѓаните се собраа кај Градскиот парк за да изразат незадоволство од работата на правосудните органи, по што учесниците се упатија директно пред зградите на Основното јавно обвинителство и Основниот суд во Кочани.
Од тука беше упатено прашање до институциите дали секој што имал должност ја извршувал совесно, професионално и во рамките на своите овластувања.
-Со секоја должност доаѓаат обврски. Со секое овластување – одговорност. Со секоја униформа – очекувања дека ќе се постапува професионално, навремено и еднакво кон сите. Никој не спори дека спасувањето е човечка должност. Но оваа постапка не се води за тоа што се случувало откако пожарот веќе започнал. Прашањето е дали секој што имал службени обврски и законски овластувања – ги извршувал така како што се очекува од институција, рече од пред зградата на Полициската станица во Кочани, Розета Џамова, сестра на починато момче.
– Во судница слушавме расправа за минути. Дали било 2 : 22 или 2 : 23. Кој кому се јавил. Колку пати. Кој дал усна наредба. Кој не потпишал писмена. И во еден момент остана впечаток дека најголемата трагедија не е што 63 луѓе не се вратиле дома. Туку што часовникот не бил прецизен, нагласи Џамова.
Според неа и родителите прашањето не е што се правело откако почнал пожарот, туку дали било направено се што било должност да се направи за до него воопшто да не дојде.
За вистината да не остане без глас и правдата да не остане без крај – не забораваме. Ова е пораката која од Кочани, на новиот марш за ангелите, ја упатија родителите на загинатите и повредените деца во дискотеката на смртта „Пулс“.
Четириесет и петтиот марш се одржа по вчерашното рочиште, каде полицајците кои кобната ноќ беа во „Пулс“ тврдеа дека се обвинети затоа што спасувале деца. Дел од родителите им порачаа дека се највиновни за смртта на 63 млади луѓе.












