Поликлиниката „Идадија“, изградена пред половина век, ќе добие целосно енергетски ефикасна фасада, нов систем за греење, ЛЕД-осветлување и обновена електроинсталација. Со инвестицијата од над половина милион евра ќе се намалат трошоците за енергија, ќе се подобрат условите за работа на медицинскиот персонал и ќе се обезбеди поквалитетна здравствена услуга за илјадниците пациенти кои секојдневно ја посетуваат оваа поликлиника.
Поликлиниката „Идадија“ во Скопје конечно добива нов лик. Почна реконструкцијата на објектот, за која преку Министерството за финансии се обезбедени повеќе од 31 милион денари (504.500 евра). Станува збор за проект што се реализира во рамки на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, кој го спроведува Проектната единица при Министерството за финансии, во соработка со Светска банка и Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Договорот за грант меѓу Здравствен дом Скопје и Министерството за финансии беше потпишан во декември 2025 година. По спроведената јавна набавка, во март годинава беше избран изведувачот и беше потпишан договор вреден 31.028.850 денари, по што стартуваа и градежните работи.
Поликлиниката, која е изградена во 1975 година, со децении работеше со стара и дотраена инфраструктура. Недостигот од термоизолација, старата столарија, неефикасното греење и застареното осветлување значеа поголема потрошувачка на енергија и повисоки трошоци за одржување.
Со реконструкцијата ќе се постави нова термоизолациона фасада и кровна изолација, ќе се замени целата фасадна столарија, ќе се обнови системот за централно греење, ќе се постави ново ЛЕД-осветлување и ќе се реконструира електричната инсталација.
Од проектот се очекува значително намалување на потрошувачката на струја и топлинска енергија, но и подобри услови за работа на здравствените работници. Истовремено, пациентите ќе добијат покомфорна, побезбедна и помодерна здравствена установа.
Обновата на Поликлиниката „Идадија“ е дел од пошироките активности за модернизација на јавното здравство и подобрување на јавната инфраструктура преку енергетски ефикасни решенија, со цел граѓаните да добијат поквалитетни здравствени услуги, а јавните средства да се користат поефикасно.











