Францускиот диџеј и електропоп музичар Кавински, автор на познатата песна „Nightcall“, почина во Париз на 50-годишна возраст, објавија денес француските медиуми.
Безживотното тело на Кавински, чија позната песна беше изведена на церемонијата на затворање на Олимписките игри во Париз во 2024 година, беше пронајдено во неговиот дом во вторник, 28 јули, објави BFM.
Покрената е истрага за причината за смртта, соопшти обвинителството, додавајќи дека екипите што први интервенирале не пронашле никакви сомнителни елементи на местото на настанот.
Кавински, чие вистинско име било Винсент Белорж, се здоби со слава на почетокот на 2000-тите со песната „Nightcall“, која ја напиша и продуцираше со Гај-Мануел де Хомем-Крист, еден од двајцата членови на бендот Daft Punk, и по која стана познат на пошироката јавност, главно благодарение на користењето на песната за филмот „Drive“ со Рајан Гослинг.
Откако го издаде својот прв албум во 2006 година, „Теди Бој“, Винсент Белорж го создаде своето алтер его, Кавински, лик со црвени очи и сина кожа кој доживеал сообраќајна несреќа зад воланот на „Ферари Тестароса“ и повторно се појавил во форма на зомби за да компонира електронска музика.












