Наместо темелни промени во системот, новите законски измени главно носат побрзи административни постапки и дигитализација. Од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје предупредуваат дека и понатаму може да се добие лиценца без задолжителна проверка на терен дали се исполнети сите безбедносни услови. Велат дека препораките на Антикорупциската комисија останале настрана, а клучните слабости во контролите не се отстранети. Според анализата, без посилен инспекциски надзор и поостри правила, побрзите процедури сами по себе не значат и побезбедни кафулиња, дискотеки и ноќни клубови.

Петнаесет месеци по трагедијата во Кочани, измените на Законот за угостителска дејност не носат суштински промени во системот за безбедност на угостителските објекти, туку претежно се сведуваат на дигитализација на административните процедури. Ова е оценката во најновата анализа на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), во која се наведува дека законските измени не ги отстрануваат клучните системски слабости што, според институцијата, придонеле за трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани.

Во анализата, насловена „Побрзи постапки не значат и побезбедни угостителски објекти: Измените на Законот за угостителство воведуваат дигитализација, но не и суштинска реформа“, се посочува дека и покрај јавните очекувања за темелна промена на законската рамка, постапката за добивање лиценца за ноќни клубови, кабареа и дискотеки останува речиси непроменета. Како што наведуваат од Институтот. единствената позначајна законска интервенција по трагедијата, е забраната за употреба на пиротехнички средства во затворен простор, додека системот за издавање лиценци и инспекцискиот надзор не претрпеле суштински измени.

Во анализата се потсетува дека антикорупциската проверка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), изработена по трагедијата, идентификувала сериозни регулаторни слабости во Законот за угостителска дејност, кои создаваат простор за коруптивни практики, недоволна контрола и декларативно исполнување на законските услови без фактичка проверка. Сепак, според Институтот, препораките на Антикорупциската комисија не биле вградени во последните законски измени.

Во анализата укажува дека и натаму останува непроменет моделот според кој угостителите преку изјава потврдуваат дека ги исполнуваат минималните технички услови, без законски утврдена обврска надлежните институции во определен рок да ја проверат вистинската состојба на терен. Од Институтот сметаат дека токму ваквиот пристап овозможува објекти да започнат со работа без претходна потврда дека ги исполнуваат сите безбедносни стандарди.

Во документот се предлага воведување задолжителни инспекциски контроли пред започнување со работа, како и формирање мешовита комисија составена од претставници на повеќе институции која би вршела теренски увид и би одлучувала за издавање одобренија, со цел да се намалат корупциските ризици и можностите за дискреционо одлучување.

Од Институтот предупредуваат дека нерешен останува и надзорот врз реалната намена на угостителските објекти. Во анализата се наведува дека не постои интегриран систем кој ќе овозможи вкрстување на податоците за намената на објектите, нивната регистрација и дејноста што реално се врши во нив. Дополнително, не е јасно дефинирана институцијата која треба да постапува во случај на несогласување меѓу регистрираната дејност и фактичката употреба на објектот.

Како уште една слабост се посочува прекршочниот систем. Според анализата, висината на санкциите не е соодветна на ризиците што можат да произлезат од непочитување на безбедносните стандарди, особено кога се загрозени животот и здравјето на граѓаните. Воедно се наведува дека законските решенија остануваат неусогласени со прописите за инспекциски надзор и прекршоци, што, според Институтот, создава правна несигурност и ја намалува ефикасноста на санкционирањето.

Најголемиот дел од новите законски измени, според анализата, се однесуваат на дигитализација на административните процедури. Иако ваквиот пристап може да придонесе за намалување на директниот контакт меѓу бизнисите и администрацијата и со тоа да ги ограничи можностите за корупција, од Институтот оценуваат дека дигитализацијата сама по себе не може да биде замена за ефикасен инспекциски надзор и строги механизми за контрола. Напротив, предупредуваат авторите, забрзувањето на процедурите без истовремено зајакнување на контролите може дополнително да ги продлабочи постојните слабости во системот.

Во анализата се осврнуваат и на новиот регистар на издадени лиценци за ноќни барови, кабареа и дискотеки, оценувајќи дека тој претставува чекор кон поголема транспарентност, но без законски утврдена содржина која би обезбедила вистинска отчетност. Според Институтот, законот не предвидува задолжително објавување на податоци за изречени мерки, прекршочна историја, статусот на лиценците или други информации од јавен интерес, туку тие се оставаат да бидат регулирани со подзаконски акт.

Документот содржи повеќе препораки за измени на Законот за угостителска дејност, меѓу кои задолжителни теренски проверки пред издавање лиценци, јасно утврдени надлежности за инспекциски надзор, заострување на санкциите за прекршување на безбедносните стандарди, подобра институционална координација и законско уредување на содржината на регистарот на лиценци. Од Институтот оценуваат дека само вакви системски интервенции можат да обезбедат поефикасен надзор, поголема отчетност и повисоко ниво на безбедност во угостителскиот сектор.

Измените на Законот за угостителска дејност главно се однесуваат на дигитализацијата, побрзите административни постапки и воведувањето повисоки казни за угостителите.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ