По бура реакции за снимениот спот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони во „Македониум“,  вршителот на должност директор на оваа културна институција Миха Оџаклиески, денеска и официјално поднесе неотповиклива оставка од функцијата од морални причини, откако претходно за медиумите објасни дека одлуката ја донел Управниот одбор. Тој посочи дека одлуката е личен, морален и етички чин и израз на одговорност кон институцијата и кон јавноста. Премиерот Христијан Мицкоски пак, денес им се извини на граѓаните и побара разрешување на директорот и на Управниот одбор. Тој посочи дека музичките спотови не треба да се снимаат во институции како “Македониумот“ во Крушево.

-Тоа што таму се случило претставува нешто што не требало да се случи. Јас ќе побарам од министерот за култура и туризам да биде разрешен директорот на таа институција заедно со Управниот одбор, бидејќи таков тип на институции не треба да бидат изнајмувани и користени за такви намени. Јас им се извинувам на граѓаните поради тоа што тој пропуст е направен и се случил, и ќе се потрудиме во иднина такво нешто да да не се повтори, истакна Мицкоски.

И министерот за култура и туризам Седат Сулејмани, на денешната прес –конференција на прашањето на новинарите за скандалозниот случај кажа дека иако нема конкретни информации и детали, директорите треба да внимаваат за каква намена го издаваат просторот.

-Институциите имаат законско право да изнајмуваат објекти, но директорите треба да внимаваат какви програми ќе се одржуваат и со каква намена, кажа Сулејмани. Тој посочи дека како министер и Министерството за култура се надлежни да ги бранат сите артисти и културни работници, но дека ја разбира чувствителноста на случајот и најавува законски измени доколку е потребно, бидејќи според актуелните законски одредби постои можност за издавање на просторот за одредена сума.

Од страна на медиумите е посочено дека е недолично и неспоиво ваков спот да се снима во објект кој има исклучително историско значење за државата и во кој се наоѓа гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, како и дела на уметниците Борко Лазески и Томе Серафимовски.

Вчера директорот на институцијата во изјава за медиумите кажа дека одлуката ја донел Управниот одбор, но и дека дел од сцените не се снимени во Македониумот. За снимањето на спотот не била запознаена ниту Управата за културно наследство.

Исто така на прес-конференцијата беше поставено и прашањето зошто вакви објекти како „Македониум“ не се дадени во владение на општините да менаџираат со нив, на што министерот Сулејмани одговори дека тоа е регулирано со Закон за децентрализација, но дека работите се одвиваат споро.

– Ова е нов проблем и ние како Министерство сме во процес на добивање на повеќе информации, кажа Сулејмани.

Оџаклиески, кој вчера даде оставка од морални причини, за медиумите објасни дека одлуката ја донел Управниот одбор, а раперот за користењето на објектот платил 500 евра за пет-шест саати.

 

ИЗДВОЕНИ