Ни доаѓа нов музички бисер! Популарниот Миле Кузмановски, кого, секако, го препознаваме по хитот „Не кани ме“, деновиве се претставува со својата најнова песна насловена „Некому“. Секако дека тој ништо не остава недоработено, па како голем професионалец, сними и спот за песната. Всушност, самата песна е со посебна посвета, која ја упатува Миле до семејството на Диме Атанасовски, изразувајќи благодарност за укажаната доверба, за можноста да ја отпее оваа бисер-композиција. А, автор на музиката и текстот е токму тој, Диме Атанасовски, кој заедно со Бранко Атанасовски-Атано го потпишува и аранжманот. Песната е снимена во студиото „Кларион“ во Скопје, со придружба на оркестарот „Табиет“ од Свети Николе.
Покрај вокалната интерпретација на Миле Кузмановски, во музичката реализација учествуваат Методи Вржалски на прим, Атанас Алексов на мандолина, Илија Гушков на бас-прим, Стево Соколовски на контрабас, Диме Атанасовски на виола, како и Здравко Шоповски и Бранко Кафеџиски на гитара.
Видеозаписот е одлично реализиран, а продукцијата ја потпишува Дејан Ѓоргиев од скопското „Арт-студио“. Со објавувањето на песната „Некому“, Кузмановски ѝ нуди на публиката ново музичко доживување, зад кое застанаа искусни музичари и автори. Емоционална карактеристика на целата музичка приказна е нешто на што никој не останува рамнодушен, бидејќи самото пеење на Миле е празник за ушите на слушателот. Таков глас и таквата интерпретација денес ретко се среќаваат. (Д. М.) фото:ФБ












