недела, јуни 7, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПО ЕДИНАЕСЕТ ГОДИНИ ОТКАКО БЕШЕ ВОВЕДЕНА Собранието го повлече првиот чекор: Пржинската...

ПО ЕДИНАЕСЕТ ГОДИНИ ОТКАКО БЕШЕ ВОВЕДЕНА Собранието го повлече првиот чекор: Пржинската влада тргна кон историјата, опозицијата бара консензус

Парламентарното мнозинство ја утврди потребата за донесување на промените со кои се предвидува моделот на техничката влада да се применува само уште на следните парламентарни избори. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, рече дека предлогот се носи спротивно на договорот меѓу партиите

1061

По единаесетгодишното постоење, правното постоење на институтот на пржинската влада тргна кон укинување откако парламентарното мнозинство, денеска, ја изгласа потребата за донесување измени по скратена постапка во Законот за Владата кои го предвидуваат тоа. За носење на законските промени предложени од актуелната Влада гласаа 67 пратеници од владината коалиција, 13 пратеници беа против, а немаше воздржани. Со ова, законското решение ја мина првата и клучна фаза од собраниската процедура. До ова дојде откако Владата, деновиве, го достави предлогот за измените, при што побара тие да се донесат по скратена постапка. Моделот на техничката Влада пред изборите беше воведен во 2015 година како излез од тогашната општествена и политичка криза во која се наоѓаше Македонија.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, рече дека целта на предложените измени е суштинска – укинување на моделот на техничка влада, кој со години наназад беше воспоставуван како начин за организирање на изборните процеси. Тој ја обвини опозициската партија СДСМ дека неоправдано бега од укинувањето на техничката влада.

– Брзото носење на законот почна од 20 јануари, кога министерот Горан Минчев нè собра за да разговараме, и формално и неформално. Изминативе години се изнаслушавме дека техничката влада треба да се укине. Ние и во опозиција баравме да се укине техничката влада. Сега, по неколкумесечни разговори и молби од Владата да разговараме за нејзино укинување, вие панично бегате. Нејасно е зошто, бидејќи законот нема да важи за следните избори, туку за тие потоа. Вие не дозволувате да почнеме со целата постапка. Има доволно време и да се разговара за амандмани. Не гледам причина за панични реакции – рече Мицевски.

Наспроти ова, координаторот на пратеничката група на опозицискиот СДСМ, Оливер Спасовски, реагираше процедурално и рече дека носењето на ваквите промени е спротивно на воспоставените принципи и реформската агенда.

– Ова законско решение што се предлага, излегува од рамките на моделот и на начинот на кој е донесен Законот за Влада, и е спротивно на договорениот пристап меѓу политичките партии – истакна Спасовски.

Тој потсети дека решението за изборните циклуси и техничката влада е резултат на политички договор меѓу четирите најголеми партии, со гаранција од меѓународната заедница, и дека првично било ограничено на изборите во 2016 година. Дополнително, нагласи дека на барање на ВМРО-ДПМНЕ во 2018 година, истото решение било повторно донесено без временско ограничување, односно со важност до влезот на државата во ЕУ.

– Денеска се изнесуваат ставови кои директно ги побиваат барањата и предлозите дадени во 2018 година. Законот за Влада е дел од пошироката реформска агенда, која ги опфаќа и Изборниот законик и новиот Кривичен законик. Со носењето на вакво решение набрзина, по скратена постапка, нема да можеме да ги исполниме критериумите од реформската агенда, која предвидува системски и темелен пристап. Нема потреба од брзање. Потребно е да се вратиме на форматот преку кој е донесено ова законско решение, со консензус и дијалог меѓу политичките партии“, заклучи Спасовски.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упати критики кон предлогот за измените и порача дека државата сè уште не е зрела за ваков чекор. Потенцира дека власта се обидува да ги партизира сите механизми на контрола.

–Техничката влада е резултат на меѓупартиски договор помеѓу четирите најголеми партии и таа е донесена со консензус. Таа може да биде укината на истиот начин, а не поинаку во услови кога власта повторно воспоставува контрола врз правосудството и институциите – нагласи Филипче.

Против укинувањето на Пржинската влада се и од Европскиот фронт чија што пратеничка Арбана Пашоли побара се што е „донесено со консензус и поддршка од меѓународната заедница така и да се смени“.

– Сметаме дека во однос на она што е постигнато со политички договор и сo поддршка на меѓународен фактор, би требало на ист начин и да се постапува. Во таа насока мислам дека нема да го поддржиме предлогот – изјави Пашоли.

Клучни промени врзани за укинувањето на пржинската влада се содржани во два члена – 14 и 16.

– Одредбите од членовите 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13 и 14 од овој закон ќе се применуваат до денот на објавувањето на конечните резултати и распределбата на мандатите по изборни единици од страна на Државната изборна комисија, за првите по ред избори за пратеници во Собранието спроведени по денот на влегувањето во сила на овој закон – пишува во членот 16 од предлогот.

Одредбата од членот 14, пак, предвидува бришењето на поранешниот став со кој е предвидено моделот на пржинската влада да се применува „сè до влезот на нашата земја во ЕУ“. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ