петок, август 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПЕТ-скенот повторно работи, ќе се снимаат по девет пациенти

ПЕТ-скенот повторно работи, ќе се снимаат по девет пациенти

0

Единствениот државен ПЕТ-скенер повторно е ставен во функција, откако повеќе од еден месец не работеше поради технички проблем поврзан со циклотронот, системот потребен за производство на радиоизотопи. Министерството за здравство претходно соопшти дека проблемот бил утврден при редовен сервис, а овластениот сервисер работел на негово отстранување.

Министерот за здравство Сашо Клековски  информираше дека за повторното започнување на снимањата се обезбедени потребните материјали, а радиоизотопот е набавен од Истанбул. Во тек се и разговори со Софија за дополнителна набавка, со цел ПЕТ-скенерот да работи и во сабота.

„Состојбата на циклотронот на ПЕТ-скенот е дека во моментов обезбедени се документи од Белгија за она што треба да се замени. Почнува да работи ПЕТ-скенот, закажани се девет пациенти, донесена е потребната количина на радиоизотоп од Истанбул, комуницираме и со Софија да набавиме за да може да работи и во сабота“, изјави Клековски.

Според министерот, досегашниот капацитет на ПЕТ-скенерот бил меѓу 2.100 и 2.200 снимања годишно, додека минатата година бил постигнат рекорд од 2.700 снимања, што според него претставува максимум за една камера. Со забрзување на работата, годинава би можеле да се достигнат околу 2.300 снимања.

Клековски, сепак, смета дека потребите се значително поголеми и дека целта треба да биде меѓу 5.000 и 6.000 снимања годишно. Тој посочи дека ПЕТ-скенот не се користи само во онкологијата, туку има примена и во неврологијата.

Во периодот кога апаратот не работеше, Министерството соопшти дека Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија биле информирани за тријажа преку други достапни дијагностички методи, со цел лекувањето да не трпи прекин. Клековски  повторно посочи дека ПЕТ-скенот не е единствениот метод за откривање и следење на болеста и дека треба да се користат и други дијагностички методи кога тоа е медицински оправдано.

„Онколозите имаат на располагање и други методи за откривање на болест, треба да се користат, не е една метода. Во контакт сум со трите клиники, работиме да одат работите непрекинато“, рече министерот.

Тој најави и изработка на план за постапување во иднина во случај на повторен застој поради сервисирање и набавка на втора ПЕТ-камера.

„Треба да направиме план како да постапиме во иднина кога ќе се случи ова со нередовното сервисирање, кој метод да се примени и конечно да се набави втора ПЕТ камера“, изјави Клековски.

Засега планот е ПЕТ-скенерот да продолжи да работи со околу десет пациенти дневно. Доколку биде обезбеден дополнителен радиоизотоп од Софија, снимањата ќе продолжат и во сабота. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ