Во прво читање денеска беа поддржани законските измени со кои се предвидува средствата на пензиските осигуреници во приватните пензиски фондови да се инвестираат согласно со нивната возраст, временскиот период до пензионирање и подготвеноста за преземање инвестициски ризик. Комисијата за социјална политика, демографија и млади и Законодавно-правната комисија денеска расправаа и ги проследија во натамошна собраниска процедура предлог-законите за изменување и дополнување на законите за задолжително и доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.
Со предложените измени се воведуваат три инвестициски портфолија – растечко, балансирано и конзервативно, кои ќе се разликуваат според нивото на ризик и структурата на вложувањата. Според предложениот модел, осигурениците до 45 години ќе можат да избираат меѓу растечкото и балансираното портфолио, лицата од 45 до 57 години ќе имаат можност за избор на сите три, додека оние над 57 години ќе можат да ги изберат балансираното и конзервативното портфолио.
Растечкото портфолио ќе овозможува преземање поголем инвестициски ризик со потенцијално повисок принос на долг рок. Балансираното ќе нуди умерен однос меѓу ризикот и приносот, а конзервативното ќе биде насочено кон поголема заштита на акумулираните средства. Доколку осигурениците не изберат портфолио, предвидена е автоматска распределба според нивната возраст.
Измените имаат цел да овозможат пофлексибилно управување со пензиските заштеди и подобро приспособување на инвестициската стратегија во различните фази од животот.












