Државната ЕСМ, преку својата компанија „ЕСМ Продажба“, ќе набави 70.560 мегават-часови електрична енергија од домашни трговци, за периодот од 23 ноември до 13 декември. Вредноста на прифатените понуди е 16,92 милиони евра, односно околу 1,04 милијарди денари.

Набавката е поделена во два периоди и е наменета за регулираниот пазар, односно снабдувањето на домаќинствата и на малите потрошувачи преку „ЕВН Хоме“. За само дваесет дена, ЕСМ ќе плати речиси 17 милиони евра за струја од надворешни снабдувачи. Од 23 до 30 ноември се предвидени 26.880 мегават-часови. Просечната цена е 229,63 евра за мегават-час, а вредноста околу 6,17 милиони евра. Од 1 до 13 декември треба да се испорачаат уште 43.680 мегават-часови, по просечна цена од 246,16 евра. Овој дел ќе чини 10,75 милиони евра.

Просечната цена за целата количина изнесува околу 240 евра за мегават-час, а цените во прифатените понуди се движат од 208,09 до 248,50 евра. Прифатени се понуди од седум компании за првиот период и шест за вториот.

Повторното потпирање на трговците отвора прашања за можностите на домашните капацитети да ги покријат потребите. ЕСМ и претходно набавуваше струја преку договори со снабдувачи и преку берзата МЕМО. Последната претходна набавка од снабдувач, според достапните податоци, беше од ТЕ-ТО, за испорака за првите два месеци од годинава.

Паралелно, компанијата планира дополнително гориво за термоелектраните. За РЕК „Битола“ и за РЕК „Осломеј“ е предвидена набавка на три милиони тони јаглен од Косово, во следните три години, преку договор со косовската енергетска корпорација КЕК. Основната вредност е 73,2 милиони евра, без трошоците за ископување, обработка и за транспорт. ЕСМ подготвува и повторно активирање на ТЕЦ „Неготино“, за што распиша повик за набавка на околу 45.000 тони мазут. Проценетата вредност е 42,6 милиони евра со ДДВ, а отворањето на понудите беше предвидено за денеска попладне, но, како што информираа од ЕСМ за весникот ВЕЧЕР, е пролонгирано за в петок.

За мазутот, премиерот Христијан Мицкоски рече дека за вклучување на ТЕЦ „Неготино“ во системот, во зимскиот период, се неопходни 345 илјади тони. Тој истакна дека со одложувањето на набавката, кога била висока цената на нафтата на светските берзи, биле заштедени 13 милиони евра.

Мицкоски посочи дека Владата се обидува да ги убеди државните компании ЕСМ и МЕПСО да не ја зголемуваат цената на својот дел од електричната енергија, со цел да се избегне поскапување за потрошувачите од 1 јануари. За барањата на приватната „ЕВН Македонија“, рече дека Владата нема директно влијание. Од Регулаторната комисија за енергетика ќе зависи дали ќе ги прифати прикажаните трошоци и барањата за промена на цените во претстојниот зимски период на зголемена потрошувачка.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ