Голем импакт имала организираната криминална група која штанцала фалсификувани евра и долари во печатница во Македонија. Од Обвинителството, од каде што денеска презентираа детали за предметот „Вардар“, соопштија дека неофицијално, од членки на ЕУ биле повлечени околу 1 милион и 150 илјади евра фалсификувани банкноти кои припаѓаат на иста типологија како пронајдените во печатницата во земјава, што укажува на голема можност дека фалц парите биле испечатени тука и потоа во земјите од ЕУ се пуштиле во оптек.
-Заклучно со декември, информациите се дека на територија на различни држави од ЕУ, од страна на Европската централна банка, повлечени се од оптек околу милион и 150 илјади евра фалсификувани банкноти кои припаѓаат на истата типологија на банкнотите кои се најдени на место на настанот. Бидејќи типологијата е таква, многу е веројатно дека тие банкноти потекнуваат од нашата група, бидејќи од друга група друг е начинот на изработка, други се обележјата на тие пари и влегуваат во друга типологија, рече обвинителката Ленче Ристовска, која е обвинител за врски со Европравда, на вчерашната прес-конференција и додаде дека преку координирана акција против транснационален криминал, акцијата имала успешна реализација за помалку од половина година.
Шефот на ОЈОГОКК, Ислам Абази, рече дека обвинетите ќе се гонат за злосторничко здружување и евентуално перење пари и од тие причини предметот е отстапен на ОЈОГОКК. Обвинителот Дејан Петрески, кој веќе бил запознаен, ќе го продолжи предметот и со овластување ќе го работи предметот.
Обвинителот Дејан Петрески рече дека 18 локации низ Македонија биле претресени, одземени се предмети и биле пронајдени 1 милион евра лажни пари.
-Обвинителство за гонење на организиран криминал, во координација со полициски службеници, постапи по 23 издадени наредби од страна на Основен кривичен суд, по кој се постапуваше, и се вршеше претрес на 18 локации. По извршените претреси беа пронајдени и одземени предмети и опрема, и пари кои служат за вршење на кривично дело фалсификување на пари. Како резултат на преземените дејствија, беа пронајдени и одземени некаде околу 1 милион евра лажни пари, но и вистински пари, опрема за фалсификување на пари, машини, делови од машини, најразличен вид на материјали кои служат за изработка на лажните банкноти, хартија и хемикалии, изјави вчера јавниот обвинител Дејан Петрески.
Врз основа на претходно обезбедени наредби од Основен кривичен суд, во акцијата на територија на Македонија, беа извршени претреси на повеќе локации во Скопје, Велес и Прилеп кај правни и физички лица, при што 10 лица се лишени од слобода – девет лица од Скопје и едно лице од Велес, соопштија вчера од МВР.
– При извршените претреси пронајдени и одземени се предмети и парични средства кои ќе бидат предмет на вештачење и тоа: околу 500.000 евра, 25.000 американски долари, 500 швајцарски франци, 1.800 израелски шекели, 500 хрватски куни, 10.000 албански леки, 1.000 шведски круни и 25.000 рубљи, CNC машина за изработка на калапи, калапи, жигови и валјаци со кои се изработувале фалсификуваните пари, копии од делови од банкноти, три пиштоли, една пушка, 100 парчиња куршуми калибар 9 мм, 40 патрони калибар 12 мм, кесе исполнето со бела прашкаста материја, кафеава прашкаста материја, повеќе телефонски апарати, СИМ-картички, УСБ и лаптопи, се наведува во соопштението.
Криминалната група, составена од македонски и српски државјани, која имала за цел изработка и пуштање во оптек на фалсификувани пари, оперирала во периодот од крајот на 2023 година до февруари 2025 година на територијата на Македонија и на Србија. Во стан на подрачје на Скопје, по претходно направени специјални машини со гравирани плочи кои имитирале сигурносни знаци на пари, биле изработувани лажни пари во различни апоени. Вака изработените лажни пари организираната криминална група ги пуштала во оптек во платниот промет на Република Македонија и Република Србија, а голем дел од нив завршувале и во платниот промет на Австрија, Германија, Романија, Словенија, Хрватска и Косово.
МВР најави дека одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал ќе поднесе кривична пријава против шест македонски и двајца српски државјани, во врска со меѓународната истрага координирана од страна на ЕУРОПОЛ, македонската и српската полиција, во која е сузбиена организирана криминална група инволвирана во извршување на кривично дело фалсификување пари, која делувала на териториите на повеќе држави.
– Активностите ќе продолжат и понатаму во рамки на отворената меѓународна истрага и во текот на денешниот ден од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал ќе биде поднесена кривична пријава против шест македонски и двајца српски државјани, се вели во вчерашното соопштение од МВР.
Во рамки на акцијата спроведена во Република Србија, соопштија од МВР, лишени од слобода се шест лица, членови на организираната криминална група, при што пронајдени и одземени се околу 153.700 евра.
Македонската полиција преку Бирото за јавна безбедност, заедно со полицајци на ЕВРОПОЛ и ИНТЕРПОЛ во неделата спроведе голема акција на територијата на повеќе градови во Македонија. Се бараше поголема количина на фалсификувани евра и долари. Ден претходно, српската полиција, како дел од големата меѓународна полициска акција, под кодното име „Вардар“ за откривање на фалсификатори на евра, приведе шестмина во Нови Сад, Нови Пазар, Суботица и Сомбор. (В.С.Н.)