Тони Паркер мораше да се огласи на социјалните мрежи за да ги разјасни своите претходни изјави околу иднината на АСВЕЛ. Францускиот клуб влезе во новата сезона со големи амбиции, но финансиските проблеми го принудија да се раздели со неколкумина важни играчи. Силвен Франциско, Даниел Тајс и Армони Брукс, кој замина како позајмен во Валенсија, го напуштија клубот.
Паркер неодамна предизвика големо внимание со изјавата дека сонува еден ден да ја освои НБА-Европа токму со АСВЕЛ. Поради тоа, легендарниот француски кошаркар почувствува потреба дополнително да ги појасни своите зборови.
- Само сакам да разјаснам и да избегнам какво било недоразбирање. Сега сме тим од Евролигата – напиша Паркер.
Тој додаде дека посакува Евролигата и НБА да постигнат договор за иднината на европската кошарка.
- Би сакал Евролигата и НБА да најдат договор и АСВЕЛ да биде дел од комбинацијата на ова натпреварување – порача Паркер.
Претходно тој откри дека неговиот голем сон е АСВЕЛ да стане прв шампион на идната НБА-Европа.
- Мојот сон би бил еден ден да победам со АСВЕЛ и да станам шампион на НБА-Европа. Тоа би било нешто многу големо – изјави Паркер.
Тој верува дека доколку навистина се реализира проектот, АСВЕЛ би можел да биде една од најдобрите инвестиции на новото натпреварување.
Засега, сепак, Паркер е јасен: АСВЕЛ е клуб од Евролигата, а сите погледи се насочени кон тоа дали ќе пронајдат НБА и европската елита заеднички јазик.











