Целта на оваа герила акција беше да се поттикне поголема јавна свест за одговорното управување со отпадот, да се охрабрат позитивните навики кај граѓаните и да се истакне дека секој поединец има важна улога во создавањето почиста, поуредена и позелена Битола

 

Во рамките на активностите за подигање на јавната свест за заштита на животната средина во Битола, Здружението за меѓународна младинска соработка „Интерактив“ – Битола реализираше герила акција на градското шеталиште, со поставување паметна канта за отпадоци што зборува.

Преку интерактивни пораки и директна комуникација со минувачите, паметната канта ги поттикнуваше граѓаните правилно да го фрлаат отпадот и да размислат за сопствената улога во одржувањето чиста и здрава животна средина. Акцијата предизвика голем интерес кај граѓаните на различна возраст, кои со љубопитност ја следеа необичната инсталација и активно се вклучуваа во нејзината едукативна порака.

Целта на оваа герила акција беше да се поттикне поголема јавна свест за одговорното управување со отпадот, да се охрабрат позитивните навики кај граѓаните и да се истакне дека секој поединец има важна улога во создавањето почиста, поуредена и позелена Битола.

Активноста се надоврзува и на мерките предвидени во Програмата за животна средина на Општина Битола за 2026 година, која предвидува значајни инвестиции за подобрување на квалитетот на животната средина. Меѓу планираните мерки се изработка на стратегија за развој на зеленило со буџет од 1.500.000 денари, како и поставување подземни садови за комунален отпад, за што се обезбедени 3.000.000 денари.

Со комбинација од едукативни активности, активна вклученост на граѓаните и со реализација на планираните локални мерки, Битола има можност да стане почист, позелен и поодржлив град.

Герила акцијата е реализирана во рамките на швајцарскиот проект „Програма за поддршка на изборите“, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).

ИЗДВОЕНИ