понеделник, јуни 8, 2026
Дома МАГАЗИН Пајакот Носферату се шири низ Европа: Експертите откриваат колку е опасен за...

Пајакот Носферату се шири низ Европа: Експертите откриваат колку е опасен за луѓето

0

Пајакот Носферату, вид кој потекнува од медитеранскиот регион, во последните години брзо се шири низ Германија, а експертите предупредуваат дека е сè поприсутен во северните делови на земјата.

Според германските медиуми, овој вид е регистриран и во сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија, каде што експертите процениле дека постои голема веројатност трајно да се насели. Претставникот на еколошката организација НАБУ, Александар Вирт, истакна дека пајакот успешно се прилагодува на различни климатски услови и дека дури и постуденото време не претставува сериозен проблем за него.

Видот за прв пат е регистриран во Германија во 2005 година, додека во покраината Мекленбург-Западна Померанија првиот примерок е регистриран во 2022 година. Се претпоставува дека влегол во земјата преку транспорт на стока или патнички сообраќај.

Пајакот Носферату сега може да се најде и на островите Риген и Узедом, како и во градот Либек, што го потврдува неговото брзо ширење кон северот на земјата.

Возрасните примероци достигнуваат должина на телото од еден до два сантиметри, додека распонот на нозете може да биде до пет сантиметри. Го добил своето име поради карактеристичните шари на предниот дел од неговото тело кои потсетуваат на лицето на познатиот вампир од филмот „Носферату“.

Иако има силни заби и е еден од ретките пајаци чие каснување може да ја прободе човечката кожа, експертите нагласуваат дека каснувањето генерално не претставува сериозна опасност за луѓето. Најчесто предизвикува локална реакција како што се болка, црвенило или благ оток.

Според НАБУ, низ цела Германија годишно се пријавуваат помеѓу 3.000 и 5.000 видувања на овој вид. Експертите ги повикуваат граѓаните да продолжат да пријавуваат средби со овој пајак и да доставуваат фотографии со цел да го следат неговото понатамошно ширење и адаптирање на новите живеалишта.

ИЗДВОЕНИ