четврток, октомври 1, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Падот на индустриското производство од 1,9 отсто во август го стопи растот...

Падот на индустриското производство од 1,9 отсто во август го стопи растот од почетокот на годинава

9

Индустриското производство во Македонија во периодот јануари–август 2026 година е зголемено за 0,6 % во споредба со тој период лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Сепак, август донесе негативен резултат. Во осмиот месец од годинава, индустриското производство е намалено за 1,9 % во однос на август 2025 година.

Најголем пад во август е регистриран во рударството и вадењето камен, каде што е намалено производството за 10,1 %. Во преработувачката индустрија, падот изнесува 1,3 %, додека снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација бележи раст од 0,8 %.

Според главните индустриски групи, најголемо намалување има кај капиталните производи, чие производство е пониско за 8,9 %. Кај енергијата е регистриран пад од 6,5 %, додека интермедијарните производи, освен енергијата, бележат намалување од 4 %.

Од друга страна, забележан е раст кај производите за широка потрошувачка. Производството на трајни производи е зголемено за 5 %, додека кај нетрајните производи растот изнесува 7 %.

Меѓу одделите што најмногу влијаеле врз августовскиот пад се издвојува производството на моторни возила, приколки и полуприколки, кое е намалено за 8,7 %. Кај производството на машини и уреди е забележан пад од 9,6 %, а кај производството на електрична опрема производството е помало за 6,9 %.

Така, и покрај позитивниот кумулативен резултат во првите осум месеци од годинава, податоците покажуваат дека индустријата во август се соочила со пад во повеќе значајни производствени сектори.

ИЗДВОЕНИ