Годинешново 51. издание на Млад отворен театар кое од 18 до 24 ноември ќе се одржи во Скопје, е посветено на жената и женското авторство, а во фокусот на програма е женскиот творечки глас, перспективите и авторството во современиот театар. Ова беше кажано на прес- конференцијаta одржана во Младинскиот културен центар (МКЦ) на која се претставени и македонските режисерки Нина Николиќ и Теодора Силјаноска, a присуствуваа и директорот на МКЦ, Димче Арсовски и дел раководителите на програмскиот тим на фестивалот, Филип Николовски и Кирил Мечалов од МКЦ.
Под мотото „Овојпат таа кажува“ ќе бидат одиграни претстави режирани од жени, кои преку различни сценски јазици, естетики и авторски пристапи отвораат прашања за личната и колективната слобода, идентитетот, љубовта, општествените ограничувања, положбата на жената и односот меѓу поединецот и современиот свет. Програмата носи театарски продукции од Македонија и регионот, но и меѓународни гостувања, обединувајќи различни генерации авторки и авторски пристапи.
Фестивалот стртува на 18 ноември со „Кратки приказни“ на „Театар Антон Подбевшек“ од Словенија, во режија на Сања Нешковиќ Першин – театарски експеримент што ги спојува класичната глума, физичкиот театар, танцот и кореографијата. Истата вечер, во МКЦ, ќе биде изведена и претставата „Последниот час по клавир“ на Театар 071, Перипетија, во режија на Нина Николиќ, интимна приказна за бегалството, осаменоста, припадноста и човечката блискост. Следниот ден (19 ноември) е претставата „Кокошка“ на Театар Вортекс во Театар Комедија, во режија на Теодора Силјаноска, комедија според текст на Николај Кољада, која преку иронија и апсурд ги истражува човечките слабости, суетата и потребата за признание и слобода.
Меѓу регионалните гостувања се издвојуваат „Манифест“ на Словенско младинско гледалишче и Глеј Театар, во режија на Татјана Першух, кој ги отвора прашањата за технолошкиот развој и неговите последици; „Три жени“ од Србија, авторски музичко-поетски театарски проект што го истражува женското творештво и историското потиснување на женскиот глас (20 ноември), како и „Закопани чуда“ во режија на Нина Виолиќ (21 ноември), интимна мултимедијална приказна за љубовта, сеќавањето и минливоста. Програмата продолжува со „Смртен исход од атлетските повреди“ на Моје позориште од Босна и Херцеговина, во режија на Тара Маниќ, и концерт на Арбереше, уметница од Косово која живее во Швајцарија и создава современ музички израз инспириран од традиционалната албанска музика кои исто така се на програмата на 21 ноември.
На 22 ноември ќе биде изведена „Свињи“ на Златен Елец во продукција на ЦК Битола, а во режија на Тамара Стојаноска, според текст на Томислав Зајец. Претставата ја следи приказната за две сестри заробени во сопствените животи и меѓусебниот однос, отворајќи прашања за слободата, човечката природа и границите меѓу човекот и животното.
Двата танцови перформанси „Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ и „Мочуришна драма“ во соработка со Локомотива се на 23 ноември, додека „Мојот маж“ на грчкиот колектив Процес, во режија на Марија Манганари, според расказите на Румена Бужаровска и „Ана – непоправливата“ на Арт центар Оренда од Бугарија, посветена на руската новинарка и борец за човекови права Ана Политковскаја, ќе можат да се проследат на 24 ноември.
Претставите ќе се играат во салата „25 Мај“, „Фросина“ и клуб МКЦ. (Д.Т.)
Фото: П Стојановски












