Според предлогот, војната би завршила со гаранција дека Израел и САД нема повторно да го нападнат Иран. За возврат, Иран би го отворил Ормутскиот теснец.
Иранскиот предлог, кој американскиот претседател Доналд Трамп досега го отфрли, би го отворил Ормутскиот теснец за бродови и би ја прекинал блокадата на САД кон Иран, а нуклеарните разговори би ги оставил за подоцнежна фаза, изјави висок ирански функционер.
Зборувајќи под услов на анонимност, високиот ирански функционер рече дека Техеран верува дека најновиот предлог, кој повикува на одложување на нуклеарните разговори, е значаен чекор кон полесно постигнување договор.
Според предлогот, војната би завршила со гаранција дека Израел и САД нема повторно да го нападнат Иран. За возврат, Иран би го отворил Ормутскиот теснец за меѓународен превоз, додека САД би ја укинал блокадата на иранските пристаништа.
Идните преговори потоа би се фокусирале на ограничувањата на нуклеарната програма на Иран во замена за постепено укинување на санкциите. Иран би барал Вашингтон да го признае неговото право да збогатува ураниум за мирни цели, дури и ако Техеран привремено се согласи да ги суспендира таквите активности.
„Во оваа рамка, преговорите за посложеното нуклеарно прашање се преместени во последна фаза, со цел да се создаде поповолна атмосфера“, рече функционерот.
Клучни точки на новиот ирански предлог за завршување на војната
– Гаранција дека Израел и САД нема повторно да нападнат.
– Иран го отвора Ормутскиот теснец.
– САД ја укинуваат блокадата.
– Идни преговори за нуклеарната програма на Иран во замена за укинување на американските санкции.
– Вашингтон го признава правото на Иран да збогатува ураниум за мирни цели.
Трамп „не е задоволен“
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека „не е задоволен“ од најновиот предлог на Иран, без да прецизира на кои елементи има забелешки.












