Во Културно-информативниот центар во Скопје вечерва беше отворена Јубилејната и Годишна изложба на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје. Овој факултет, годинава прославува 20 години од своето постоење.

На изложбата која ќе биде отворена за посетители до 8 јуни, се претставени избрани студентски трудови од студиските програми Графички дизајн, Моден дизајн и Ентериер дизајн, како и селекција на дела од дипломирани и магистрирани студенти, создадени како резултат на наставниот и уметничкиот процес на Факултетот.

Изложбата во присуство на голем број љубители кои со голем интерес ги проследија изложените дела и креации, ја отвори деканот на Факултетот за арт и дизајн проф. м-р Благојче Наумоски, а на настанот присуствуваа и целиот наставен кадар, сегашни, поранешни и идни студенти, соработници и пријатели на Факултетот.

Во рамките на настанот беа доделени и благодарници на проф. д-р Гордана Вренцоска, како и студентките Марија Роглева и Ивана Славковска, но и соработниците на Факултетот за арт и дизајн: Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, УМПАКИ и Унијата на здруженија на креативни индустрии.

Дизајн на јубилејното лого е на Петар Новковски, дизајн на плакат е на Емилија Спасовска, а менторот е проф. д-р Гордана Вренцоска.













