вторник, ноември 10, 2026
Дома БАЛКАН Хрватска: Не ја блокираме ниту уценуваме Црна Гора, таа се движи со...

Хрватска: Не ја блокираме ниту уценуваме Црна Гора, таа се движи со брзина на полжав, а треба да лета!

0

Хрватска ниту ја блокира, ниту ја уценува Црна Гора, напротив, многу јасно, транспарентно и навремено изнесе што очекува од таа земја. Ова во Подгорица го изјави Ванда Бабиќ Галиќ, посебен советник на хрватскиот министер за надворешни работи.

Говорејќи на регионална конференција за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ – која се одржува во момент кога Подгорица влегува во завршната фаза од преговорите за пристапување кон ЕУ – таа истакна дека „Црна Гора има историска можност, како и отворена и пријателска рака подадена од Хрватска“.

„Ме растажува кога се сугерира дека Хрватска ја блокира Црна Гора. Хрватска не ја блокира Црна Гора, ниту пак ја уценува. Таа едноставно, многу јасно, транспарентно и навремено, изнесе што очекува и бара од Црна Гора“, изјави Бабиќ Галиќ.

Хрватска ја услови својата поддршка за Црна Гора со решавање на осум отворени билатерални прашања. Две од нив – именувањето на еден базен во Котор и поставувањето спомен-плоча во поранешниот логор Морињ од војните во 1990-тите – беа решени во втората половина на октомври.

Останатите прашања вклучуваат утврдување на судбината на исчезнатите за време на војните во 1990-тите, обесштетување на поранешните затвореници во логорот Морињ, процесуирање на одговорните за воени злосторства, решавање на имотните прашања на хрватските семејства, решавање на граничните прашања, како и враќање на училишниот брод – едрилицата „Јадран“. Советничката на хрватскиот министер го повтори ставот на владата во Загреб: дека Црна Гора „мора да ги исполни овие барања за да може да го заврши преговарачкиот процес“.

Таа напомена дека одлуките за поставување на спомен-плочата во Морињ и преименувањето на базенот во Котор се „исполнети на хартија“, додека за решавање на прашањето за исчезнатите лица и процесуирањето на воените злосторства ќе биде потребно време. Таа посочи дека официјален Загреб ја смета копнената граница кај Превлака за решено прашање, но дека поморската граница останува предмет на спор.

„Црна Гора претвори нешто што не беше проблем во проблем,а следствено на тоа, Хрватска сега експлицитно бара, инсистира и го условува затворањето на Поглавјето 31 (Заедничка надворешна, безбедносна и одбранбена политика) со постигнување договор за копнената граница – прашање кое е фактички утврдено и одамна решено. Затоа, нема причина Црна Гора да има забелешки – иако мене ми се чини дека таа има – но следните два месеци ќе покажат дали е навистина така“, изјави Бабиќ Галиќ.

Таа забележа дека Загреб ја „поттикнува“ Подгорица – која „се движи со бризна на полжав, а би требало да лета“ – со оглед на тоа што Подгорица очекува да ги затвори преговарачките поглавја до крајот на оваа година.

Советничката на хрватскиот министер изјави дека ова прашање сега е целосно во рацете на црногорската владејачка структура.

Таа напомена дека последната средба во врска со граничното прашање се одржала во 2015 година, а се очекува комисиите за демаркација на границата да се состанат некаде во ноември. Бабиќ Галиќ нагласи дека не треба да се прават обиди за „заобиколување“ на Хрватска, со оглед на тоа што таа е полноправна членка на ЕУ и го поддржува пристапувањето на Црна Гора кон Унијата.

ИЗДВОЕНИ