screenshot X

Најмалку 11 лица загинаа, а десетици се повредени, утринава во сообраќајна несреќа во која учествуваа околу 70 возила, на дел од автопатот во југоисточна Бугарија покриен со магла, објави новинската агенција БТА, повикувајќи се на регионалниот гувернер на Јамбол, Георги Чалаков.

Главниот инспектор Тодор Мишинев, од регионалната дирекција на Министерството за внатрешни работи во Јамбол, изјави за „Нова ТВ“ дека некои лица сè уште се заглавени во своите возила.

„Моментален приоритет е операцијата за спасување. Откако таа ќе заврши, ќе се преземат процедурални и истражни дејствија“, изјави тој.

Тој додаде дека во несреќата учествувале и камиони-цистерни. Според бугарските медиуми, повредени се најмалку 48 лица.

Очевидец на несреќата изјави дека било потребно сечење на металот за да се извлечат луѓето од возилата.

„Во моментов на местото на настанот работат многу луѓе, а ние се обидуваме да не им пречиме на екипите. Пристигнаа голем број противпожарни возила и возила на брза помош“, изјави Тодор, пренесува „Vesti.bg“.

Повеќе од 20 војници од 42-риот механизиран баталјон во Јамбол ќе им помогнат на настраданите, соопшти Министерството за одбрана за БТА.

Инцидентот се случил околу 7:00 часот по локално време во близина на клучката „Зимница“, при што е попречен сообраќајот во двете насоки на автопатот „Тракија“, наведува информативниот портал „Дневник“, кој известува дека се повредени најмалку 31 лице.

ИЗДВОЕНИ