вторник, ноември 17, 2026
Дома МАГАЗИН Откако беше уапсен на Флорида: Три обвиненија на Филипините против таткото на...

Откако беше уапсен на Флорида: Три обвиненија на Филипините против таткото на Меган Маркл

0

Томас Маркл (82), таткото на Меган, војвотката од Сасекс, е обвинет и на Филипините за материјали со сексуална злоупотреба на деца, само неколку дена откако беше уапсен на Флорида поради слични сомневања.

Националната полиција на Филипините (PNP) поднела три обвиненија против него, пренесува „Њузвик“.

Две од обвиненијата се однесуваат на нудење, дистрибуција, продажба, извоз или увоз на материјали со сексуална злоупотреба или искористување на деца, а третото на поседување такви материјали.

Истрагата на Филипините беше покрената откако синот на Маркл, Томас Маркл Џуниор, им предал на властите во Себу електронски уреди и други материјали за кои рекол дека ги пронашол.

Полицијата потоа соопшти дека во четири кутии поврзани со Маркл пронашла датотеки со материјали од злоупотреба на деца, но дека сè уште не е утврдено кој го снимил материјалот, ниту кому му припаѓаат уредите.

Филипинскиот министер за правда Фредерик Вида минатата недела изјави дека истражителите се обидуваат да утврдат дали Маркл го поседувал спорниот материјал и дали има доволно докази за негово кривично гонење во таа земја.

Маркл беше уапсен на 6 ноември во центар за згрижување стари лица во Лејкленд, на Флорида, и обвинет по една точка за поседување детска порнографија.

Судот го ослободи под електронски надзор, но неколку дена подоцна повторно беше уапсен откако ја пресече електронската алка на глуждот. Судијата нареди и процена на неговата ментална способност.

Маркл во последните години живееше на Филипините, каде што во декември 2025 година му беше ампутирана левата нога, по што се врати во САД. Тој ги негира сите обвиненија.

ИЗДВОЕНИ