Иако бензините и дизелот поскапуваат за 2,5, односно за 2 денари за литар, од Владата остануваат на ставот дека граѓаните плаќаат едни од најниските цени во регионот. РКЕ ја донесе одлуката за корекција на цените поради глобални економски движења. Даночните олеснувања и понатаму се на сила и делумно го ублажуваат порастот. Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека политиките за стабилни цени продолжуваат

 

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 3,47 %, односно бензините поскапуваат за 2,5 денари по литар, а дизелот за 2 денари. Одлуката се темели на движењата на светските берзи и промени во курсот на доларот, како и на продолжените мерки за намалени акцизи и ДДВ.

Според соопштението, референтните цени на светскиот пазар бележат пораст кај сите деривати, при што бензините поскапуваат во просек за 5,324 %, дизелот за 2,817 %, екстра лесното масло за 3,394 %, а мазутот за над 8%. Дополнително, курсот на денарот во однос на доларот изнесува 52,6868 денари за долар, што е благо повисоко во однос на претходната пресметка.

Во пресметката, РКЕ ги вклучи и одлуките со кои продолжува одлуката за намалени акцизи – за 4 денари по литар кај дизелот и по 2 денари кај бензините, како и продолжената повластена стапка на ДДВ од 10 % за бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98.

Во новата ценовна листа, еуросупер БС-95 изнесува 85 денари за литар, еуросупер БС-98 87 денари, дизелот 93,5 денари, а екстра лесното масло 98,5 денари за литар. Мазутот поскапи за 3,064 денари по килограм и достигна 49,72 денари.

И покрај одлуката на Регулаторна комисија за енергетика за поскапување на горивата, од Владата остануваат на ставот дека Македонија има едни од најниските цени на горивата во регионот.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека, и покрај корекцијата на цените, Македонија останува со убедливо најниски цени на бензините и дизелот во регионот, благодарение на намалените акцизи и повластениот ДДВ.

– Остануваме со убедливо најниска цена на бензините и дизел-горивото во регионот, со намалени акцизи за бензините и за дизелот и намалено ДДВ за бензините – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека граѓани од соседните земји ја зголемиле потрошувачката на гориво во Македонија, во одредени денови и до 30 %, нагласувајќи дека земјата останува фактор на стабилност во регионот.

Во однос на фискалните мерки, премиерот посочи дека не се планира дополнително намалување на ДДВ за дизелот, додавајќи дека според податоци на Меѓународен монетарен фонд, државата е меѓу првите три во Европа по обем на применети мерки во однос на БДП.

Мицкоски информираше и дека пазарните инспекции продолжуваат со проверки кај нафтени компании, по сомнежи за можен реекспорт на горива, при што засега се проверува најмалку една компанија.

– Наше е да ја провериме секоја информација што ја добиеме. Во зависност од проверките, така и ќе реагираме – рече тој и нагласи дека проверките на надлежните институции сè уште се во тек.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ