Оризопроизводителите од населените места во општина Чешиново-Облешево денеска излегоа на протест и со земјоделска механизација ја блокираа едната коловозна лента од магистралниот пат Кочани – Штип за да го изразат незадоволството од актуелните политики пред почетокот на сеидбата. На протестот земјоделците изнесоа три барања за кои очекуваат брзо исполнување од надлежните институции.
Тие побараа и се сретнаа со министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, за да му ги пренесат барањата и да го запознаат со лошата состојба во секторот. По средбата, министерот Трипуновски ги смири земјоделците ветувајќи им дека водата од хидросистемот Калиманци ќе им биде пуштена во нивите за да се запазат оптималните рокови, до 15 мај да се заврши сеидбата
Оризопроизводителите од населените места во општина Чешиново-Облешево денеска излегоа на протест и со земјоделска механизација ја блокираа едната коловозна лента од магистралниот пат Кочани – Штип за да го изразат незадоволството од актуелните политики пред почетокот на сеидбата. На протестот земјоделците изнесоа три барања за кои очекуваат брзо исполнување од надлежните институции.
– Првото барање е корекција на предлог-планот за наводнување на територијата на општина Чешиново-Облешево, второто барање е корекција во исплатата на субвенцијата од 6 денари за килограм, при што тоа да биде за целата предадена арпа, а не за 800 килограми арпа по пријавена површина. Третото барање е што побргу да почне откупот за стоковните резерви. Ако не се промени планот за наводнување, ние не можеме да посееме други култури освен ориз, свесни сме дека нема доволно вода во браната Калиманци, но со одредена количина може да се наполнат површините – истакна Стојче Ташовски, земјоделец од Облешево.
Земјоделците се пожалија дека со планот за наводнување во атарот на нивните населени места површините што треба да се сеат со ориз се намалени од 50 до 70 отсто.
Оризопроизводителите побараа и се сретнаа со министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, за да му ги пренесат барањата и да ги запознаат со лошата состојба во секторот. По средбата, министерот Трипуновски ги смири земјоделците ветувајќи им дека водата од хидросистемот Калиманци ќе им биде пуштена во нивите за да се запазат оптималните рокови, до 15 мај да се заврши сеидбата.
– Разговаравме за наводнувањето, околу почетокот на сеидбата. Заедно со директорот на АД Водостопанство, во чија надлежност е пуштање на водата до оризовите полиња сме помеѓу земјоделците. Исто така, директорот на Управата за хидрометеоролошки работи ме извести дека во наредниве денови ќе имаме интензивни врнежи што значи дека хидролошката состојба ќе се подобри – појасни тој.
Министерот посочи дека заедно со директорот на АД Водостопанство ќе разговараат со земјоделците бидејќи од нивна страна имаше барање високите зони, песокливите површини да бидат ненасеани со ориз, а сè останато да биде покриено вода.